X
 15.12.2019 Култура

Во Индонезија откриен најстариот пештерски цртеж на лов

Археолошки тим во Индонезија открил предисториски пештерски цртеж со сцени од лов стар најмалку 43.900 години, што значи дека тоа би можело да биде најстарото дело на светот што прикажува сцена на лов.

Цртежот прикажува фигури слични на човекот кои ловат свињи и бизони, според истражувањето на тим од археолози што го води австралискиот универзитет „Грифит“.

Делото пред две години било откриено во пештерата Леанг Булу Сипнг 4 во областа Јужен Сулавеси.

Најмалку осум мали фигури слични на луѓето со копја или јажиња се појавуваат со животни насликани со ист уметнички стил со користење иста техника и темноцрвен пигмент.

Авторите посочуваат дека вклучувањето на такви митски суштества што се получовек-полуживотно е можен показател дека индонезиската пештерска уметност опфаќа нешто како религиозно одразување на врските меѓу човекот и животните долго време пред првите луѓе да создадат ваква уметност во Европа.

slika
Фото: Maxime Aubert / PA Wire

Со години се верувало дека пештерската уметност првпат се појавила во Европа, но откритијата во Индонезија го оспоруваат тоа.

- Раната пештерска уметност во Сулавеси може да обезбеди непроценлив увид во развојот на човековата духовност и ширењето на уметнички верувања и техники што го создале современиот ум - изјави индонезискиот експерт Ади Агус Октавиана, кој бил дел од истражувањето.

- Би било трагично ако овие екстремно стари уметнички дела исчезнеа во текот на нашите животи - рече тој.

Научниците ја анализирале сликата со широчина од 4,5 метри за да утврдат дека била создадена во раното камено време и е постара од претходно откриеното прикажување на животно во пештера на островот Борнео, кое било создадено пред 40 000 години.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура