X
 04.10.2018 Култура

Од Трамп до движењето #MeToo - Кој ќе ја освои Нобеловата награда за мир?

Има 331 номинација за Нобелова награда за мир, што е втор најголем број во историјата на Нобеловите награди. Името на добитникот ќе се дознае в петок, а како можни лауреати се споменуваат борците против сексуалното насилство - лекарот Денис Муквеге од Конго, шеф на болницата за жртвите на силување, активистката Надиа Мурад Бесе од Јазиди, добитничка на наградата „Сахаров“ пред две години, или движењето против сексуалната злоупотреба #MeToo. Меѓу номинираните е и американскиот претседател Доналд Трамп.

На светските обложувачници во водство се Ким Јонг-ун и Мун Џе-ин, претседатели на Северна и на Јужна Кореја, кои во 2018 година постигнаа голем напредок за мир меѓу двете земји. Сепак, аналитичарите генерално се согласуваат дека е прерано за доделување награда на корејските претседатели: пред 18 години наградата му беше доделена на претседателот на Јужна Кореја, Ким Дае-јунг, чии напори за помирување со Пјонгјанг се покажаа залудни.

На второ место во обложувачниците се наоѓа Доналд Трамп, во овој случај за почеток на преговорите за прекинување на нуклеарните и балистички тестови во Северна Кореја, ако не и за целосно денуклеаризирање на земјата.

1
Фото: DOULIERY OLIVIER/Alain Apaydin/ABACA


Идејата за крунисување на Трамп е шокантна поради неговиот политички и морален хабитус, но несомнено е контроверзно и доделувањето на Нобеловата награда за мир на неговиот претходник, Барак Обама.

- Неговото однесување се ценеше повеќе отколку неговите резултати бидејќи тие во 2009 година, кога ја доби Нобеловата награда, речиси и не постоеја. А Трамп се послужи со тешки зборови и закани за да ја промени состојбата на Корејскиот Полуостров. Но, ако Нобеловата награда за мир во светот треба да донесе нешто добро, не може да биде резервирана за модерните левичарски фигури. Мирот практично е цел, а не неуморен идеал - пишува Американецот Даниел Мекарти за „Телеграф“.

Хенрик Урдал, директор на Институтот за мир во Осло, смета дека најголемата препрека на Трамп е повлекувањето на САД од договорот со Иран, бидејќи предизвика конфликт на Блискиот Исток, загрозувајќи го целиот регион.

Ангела Меркел, која во 2015 година беше главен фаворит во трката за Нобелова награда за мир, е номинирана и оваа година, како и папата Франциск и високиот комесар на ОН за бегалци, познат по својата борба за подобри услови на бегалците околу светот и против егзодусот на Рохинџите од Мјанмар.

Токму лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Кји - добитничка на Нобелова награда за мир во 1991 година, беше критикувана дека не го употребила својот морален авторитет да ги заштити цивилите од масакр и протерување.

Ларс Хеикенстен, претседател на Нобеловиот комитет, оваа недела во разговор за „Ројтерс“ оцени дека некои од нејзините потези се „за жалење“, но Нобеловата награда сепак нема да биде повлечена.

- Отсекогаш имало и секогаш ќе има добитници на Нобелова награда кои по доделувањето прават работи што ние не ги одобруваме или за кои мислиме дека се неправилни. Мислам дека тоа не можеме да го избегнеме - објаснува Хеикенстен.

Кои кандидати се номинирани оваа година?

Меѓу кандидираните оваа година се и Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (UNHCR), миротворката Наташа Кандиќ од Белград, редакцијата на руската „Новаја газета“, волонтерска спасувачка група од Сирија итн.

Минатата година Нобеловата награда за мир ја доби Меѓународната компанија за забрана на нуклеарното оружје (ICAN) поради поттикнување на усвојување историски договор за забрана на атомско оружје.

49 пати жирито одлучило дека Нобеловата награда не ја заслужува никој. Од шест лауреати што одбиле да ја примат Нобеловата награда, еден добитник, виетнамскиот комунистички револуционер Ле Дук То, во 1973 година одбил заедничка награда со американскиот државен секретар Хенри Кисинџер. Кисинџер добил Нобелова награда поради учеството на Париската мировна конференција, на која бил постигнат договор за прекинување на конфликтот во Виетнамската војна иако насилството продолжило.



- Во вакви услови не можам да прифатам Нобелова награда за мир. Кога условите за примирје целосно ќе се испочитуваат и мирот ќе завладее со Јужен Виетнам, ќе бидам во можност да ја прифатам наградата - порачал Ле Дук То.

Многу години подоцна објаснил дека не сакал да ја прифати наградата доделена и на агресори и на луѓе што се бореле за мир.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура