Првата дама на САД, Меланија Трамп, стана мета на критики поради јакната со натпис „Навистина не ми е гајле, а тебе?“ што ја носеше при посетата на центар во Тексас каде што се сместени деца мигранти.
Станува збор за јакна на „Зара“ од 39 долари, а натписот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.
Портпаролката на Меланија истакна дека нема никакви скриени пораки во изборот на облеката на првата дама на САД. По овој повод се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој тврди дека пораката на јакната на неговата сопруга се однесува на медиумите што објавуваат лажни вести.
- Натписот на јакната што ја носеше Меланија се однесува на медиумите кои објавуваат лажни вести. Меланија сфати колку се нечесни и веќе не ѝ е гајле - напиша Трамп на „Твитер“.
Меланија беше фотографирана со јакната додека влегуваше во автомобил и во авион. Таа не беше видена со јакната кога пристигна во Тексас, но ја носеше кога се враќаше во Вашингтон.
Меланија беше во посета на прифатилиште за деца во Мекален, по еден ден откако нејзиниот сопруг потпиша извршна уредба со која на имигрантските фамилии што илегално ќе ја преминат јужната граница на САД им се овозможува да останат заедно додека чекаат исход за имиграциската постапка.
Првата дама на САД побара децата повторно да бидат обединети со своите фамилии што е можно поскоро.
Во меѓувреме, Трамп напомена дека ќе продолжи политиката на нулта толеранција, која подразбира кривично гонење на сите возрасни лица што ќе бидат фатени како илегално ја преминуваат
границата.