X
 13.10.2025 Живот

Колумна: Дилеми околу Нобеловата награда за мир

Деновиве многу актуелна тема е постигнатиот договор околу Газа со кој се прекинуваат борбите меѓу израелската војска и движењето Хамас. Договорот бил предложен од претседателот на САД, Доналд Трамп, и треба да се реализира во неколку фази, од кои најважна е онаа за ослободување на израелските заложници, како и две илјади палестински затвореници. Понатаму ќе се решава кој ќе управува со Газа, но познато е дека Палестинците инсистираат на постоење држава Палестина со главен град Ерусалим. Е последново може да биде причина за нови судири.

Но во рок од неколку часа голем број политички лидери во светот се огласија дека тоа е голем успех, пред сѐ, на Доналд Трамп и некои од нив изјавија дека тој треба да биде номиниран за добивање на Нобеловата награда за мир. Јас се сложувам дека склучениот мир е голем успех, но тоа не може да биде причина за доделување Нобелова награда за мир на претседателот Трамп. Познато е дека Владата на САД отворено го поддржува Израел, особено во снабдување со оружје. Израел направи геноцид врз палестинскиот народ убивајќи околу 65.000 луѓе, од кои над 20.000 деца.

Ќе наведам уште една голема причина поради која Доналд Трамп не ја заслужува Нобеловата награда за мир. Тоа е неговиот став кон климатските промени, за кои вели дека се „голема измама“. Уште на првиот ден од стапувањето на должност како претседател тој потпиша указ со кој САД се повлекуваат од Парискиот договор за климатски промени. Потоа започна со укинување на разни регулаторни прописи со кои се ограничува експлоатирањето на фосилните горива и најави субвенции за дупчење за нови извори на нафта и гас. Од друга страна, стопирано е финансирањето на многу проекти за користење обновливи извори на енергија. Претпоставувам дека зад овие политики за поддржување на фосилните горива стојат одредени бизнис-кругови кои имаат интерес од таквите политики.

Оваа политика на САД кон негирање на климатските промени и форсирањето на фосилните горива негативно влијае врз многу други земји во светот. Читам дека австралиската држава Квинсленд, која има огромни резерви на јаглен, ја укинува претходната одлука на државната влада за затворање на сите свои електрани на јаглен до 2035 година и дека ќе продолжи со разумен и прагматичен план за задоволување на своите енергетски потреби.

Сите земји во светот го имаат потпишано Парискиот договор за климатски промени, во кој има обврски секоја земја да доставува национални извештаи за емисиите на стакленички гасови и мерките што ги презема за нивно намалување. Само САД не го почитуваат овој договор иако се најголем производител на нафта и гас во светот, и имаат најголеми емисии на СО2 по жител. Чудно ми е како другите држави не реагираат на овој став на САД, дали се плашат од зголемување на царинските стапки со кои Трамп цело време се заканува? Како контрапример ќе наведам дека од 1 јануари 2026 година некои фирми во Република Македонија (и некои земји од Балканскиот Регион) ќе мора да плаќаат јаглероден данок на инсистирање на Европската Унија во борбата за климатските промени.

Какво и колкаво влијание понатаму ќе има овој став на САД во светот, ќе видиме на следниот 30. годишен самит на Обединетите нации за климатски промени што треба да се одржи во ноември, во градот Белем во Бразил.

Да споменам уште еден парадокс. САД не го ратификуваа договорот од Кјото (1997 г.) за климатски промени кога претседател беше Бил Клинтон, а негов заменик Ал Гор. По завршување на функцијата, Ал Гор направи документарен филм за климатските промени и доби Нобелова награда за мир.

Веднаш, само по еден ден од склучувањето на договорот за Газа, Нобеловиот комитет објави дека добитник на Нобеловата награда за мир за оваа година е Марија Корина Мачадо, политички лидер на опозицијата во Венецуела, поради нејзината посветеност на демократските права на својот народ. Со тоа малку се смирија полемиките околу Нобеловата награда за мир.

Завчера беше голем празник на Република Македонија (РМ): Ден на востанието на македонскиот народ. На тој ден почна Народноослободителната борба која со децении ја именуваме со кратенката НОБ и така е влезена во нашата историја. Но по промена на уставното име на РМ, Македонската опера и балет е преименувана во Национална опера и балет и сега скратено ја викаат НОБ. Ги молам надлежните органи во државава да го вратат старото име на оваа уметничка куќа (МОБ), а НОБ и понатаму да нѐ потсетува на нашата Народноослободителната борба која нема врска со опера и балет.

Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот