X
 04.10.2021 Здравје

Консултациите со психотерапевт стануваат бесплатни во Франција

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, објавил дека Владата ќе ги покрива трошоците на граѓаните за разговор со психотерапевт. Ова се однесува на сите граѓани постари од 3 години.

Иницијативата, која почнува со реализација во 2022 година, има цел да им помогне на жителите да се соочат со проблемите со менталното здравје.

- Менталното здравје е голем проблем на кој не му се обрнува доволно внимание во нашата земја - изјавил Макрон.


Фото: Pixabay

Според него, има многу голема побарувачка за разговор со психотерапевти во земјата, па затоа мерката ќе им помогне на жителите да ги решат проблемите со менталното здравје што побрзо.

Според анкета спроведена на 2.000 жители на Франција, дури 10 отсто од жителите размислувале за самоубиство минатата година. Ова е двојно повеќе од претходно. Зголемен е и процентот на лица со анксиозност и депресија. Во земјата имаше три големи затворања кога жителите не смееја да ги напуштат домовите повеќе од еден час дневно.

Што ќе покрива новата мерка?

За почеток, Владата ќе доделува 40 евра за првата консултација, а 30 евра за секоја од следните седум консултации, со опција за обновување.


Фото: Pixabay

Француската Влада претходно претставила слични иницијативи за деца и млади лица, како и за студенти. Мерката за студентите покрила само 905 студенти од февруари и април, а психолозите се жалеле дека условите за добивање финансиска помош за психотерапија се тешки.

Слични проблеми се очекуваат и со новата мерка бидејќи ќе им биде покриена терапија само на оние лица што добиваат здравствен упат за психотерапија.

Извор: World Economic Forum
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје