Во Париз е откажан денешниот дочек на француската фудбалска репрезентација, која вчера загуби од Аргентина на пенали во финалето на Светското првенство во Катар.
Претседателот на Фудбалската федерација на Франција (ФФФ), Ноел Ле Грет, во изјава за локалните медиуми прецизира дека дочекот е откажан бидејќи фудбалерите изразиле желба веднаш по слетување да си заминат во своите домови.
Првично беше планирана кратка церемонија на Плас де ла Конкорд, но поради вчерашниот пораз, беше откажана традиционалната поворка на Шанзелизе. Сега, како што прецизира Ле Грет, е откажана и кратката церемонија.
Авионот со француските фудбалери треба да слета на парискиот аеродром околу 18 часот.
- Играчите само сакаат да си одат дома, така што нема да има дочек на Шанзелизе. Наместо тоа, ќе заминат во своите домови веднаш откако ќе слета авионот - изјави претседателот на ФФФ.
Извор: МИА