X
 04.10.2021 Наша тема

Некои факултети бараат потврда за вакцини, некои со онлајн или комбинирана настава - почнува академската година

Новото нормално што го наметна пандемијата на ковид-19 внесе нов стил на работа и функционирање и на студентскиот живот и наставата, не само кај нас туку насекаде во светот. Наставата, во зависност од состојбите со пандемијата, се одвива различно и се менува по потреба, од целосна онлајн до комбинирана, согласно протоколите и согласно условите со кои располагаат универзитетите во земјава. На поголемите факултети, каде што има и поголем број студенти и не може да се обезбеди целосно почитување на протоколите, наставата ќе се одвива онлајн, или пак студентите ќе бидат поделени во помали групи за да може да ја следат со физичко присуство. На дел од факултетите наставата ќе биде целосно со физичко присуство, а некаде ќе биде комбинирана, односно дел со наставата ќе биде на далечина, а дел со физичко присуство според потребите на наставната програма.

Наставата на факултетите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) од Битола дел ќе се одвива со физичко присуство, а дел на далечина. Проректорот за настава на УКЛО, проф. д-р Љупче Кочоски, вели дека на Универзитетот е направена и анкета меѓу студентите за начинот на изведување на наставата, особено во зимскиот семестар, и дека од 1.219 испитаници 655 претпочитаат онлајн настава, 458 се изјасниле за настава со физичко присуство, а 106 студенти биле за хибридна настава.

- Согледувајќи ги и минатогодишните одлуки, кои самите единици ги имаа донесено за начинот на изведување на наставата, би можеле да кажеме дека нема да се разликуваат многу, па така, согласно спецификите на секоја единица, дел од наставата ќе се одвива со физичко присуство, а дел онлајн. УКЛО уште на почеток од ковид-кризата презеде активности и изработивме Стратегија за реализација на наставно-образовниот процес во услови на пандемија. Оваа стратегија ги зеде предвид трите можности за реализација на наставата во вонредни услови - со физичко присуство, онлајн настава и хибриден начин - и остава простор за приспособување на наставниот процес во зависност од условите на секоја од единиците - вели проф. Кочоски и објаснува дека најголем дел од факултетите при УКЛО ги исполнуваат условите за одржување настава со физичко присуство.

Тој додава дека сите единици на УКЛО уште на почетокот на пандемијата направиле прераспределба на просторот каде што се одвива наставата, за да може да се испочитуваат препораките за запазување на потребната дистанца меѓу студентите.

- Исто така, беше предвидена и се реализира работа со помали групи на студенти, особено онаму каде што нивниот број е поголем. Следејќи ги минатогодишните искуства, можам да кажам дека УКЛО со исклучителна одговорност ги применуваше и продолжува да ги спроведува и почитува препораките и мерките од надлежните државни органи, меѓу кои особено оние од Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука - вели проф. Кочоски.



Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип оваа академска година ќе ја почне со хибриден модел на настава, на факултетите со поголеми групи студенти таа ќе се одвива онлајн, а на оние со помали групи ќе се одржуваат со физичко присуство.
Проректорот за настава на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. Мирко Џидров, вели дека онлајн настава ќе се одржува на факултетите со повеќе студенти, како што е Факултетот за медицински науки. Настава со физичко присуство е планирана на факултетите каде што има помали групи на студенти.

- Сите други факултети ќе почнат со предавања со физичко присуство. Сето ова ќе биде организирано во помали групи и според сите здравствени
протоколи. Студентите запишуваа семестар онлајн, и формирани се тимовите на „Мајкрософт тимс“. Ова го правиме во случај ако ситуацијата драстично се промени, да бидеме подготвени за да продолжиме со онлајн настава. Препораките се следат и сите предавања ќе се организираат во некој вид скратени предавања и консултации, каде што ќе се намали и времето на престој во предавалните, а и бројот на студентите - вели проф. Џидров.

Според него, поголем предизвик претставува одржувањето на вежбите, кои не зависи од Универзитетот.
- За вежбите во медицинските центри, училиштата, судовите и други институции се прават детални планови и во координација со институциите, во зависност од моменталните мерки, ќе се спроведуваат во текот на целата година. Сите други вежби се организираат исто како и минатата година во комбиниран метод, и онлајн и со физичко присуство согласно здравствените протоколи. За одржување на испитите, колоквиумите и другите форми на континуирана проверка, факултетите ќе изградат свој став за начините на нивно спроведување - вели проф. Џидров.

Универзитетот „Американ колеџ Скопје“ веќе ја почна новата студентска година со настава со физичко присуство. Од овој приватен универзитет велат дека ваква одлука донеле следејќи ги одлуките на Владата.
- Ги имплементираме сите потребни мерки и протоколи, така што наставата почна успешно и се надеваме дека така ќе продолжи. Распоредот на предавањата и организацијата на студентите по групи се внимателно и прецизно организирани на начин што го намалува протокот на луѓе во заедничките простории на Универзитетот и се избегнуваат средби на големи групи студенти - велат оттаму.



Наставата се одвива во мали групи во големи простории, а од Универзитетот велат дека секоја просторија се дезинфицира пред и по секое предавање, се внимава на растојанието меѓу студентите, како и на растојанието меѓу студентите и професорите.
- Се инсистира на носење лична опрема за заштита и се дозволува пристап само на студенти со потврда за вакцинација, негативен тест, тест за присуство на антитела или потврда за прележан ковид-19. Постои опција и за онлајн настава, во договор со професорот, или пак во случај ако групите се помали или начинот на предавање и работа е по менторски принцип - велат од „Американ колеџ – Скопје“.

Наставата на Американскиот универзитет на Европа - ФОН ќе се одвива со комбиниран модел, согласно големината на предавалните и бројот на студентите.

- Наставата на дел од факултетите ќе биде со целосно физичко присуство, онаму каде што бројот на студенти е помал и се поголеми предавалните за да може да се испочитуваат мерките за заштита од ковид-19. Со физичко присуство ќе бидат и студентите на оние факултети каде што има потреба од изведување вежби според наставната програма. Кај поголемите групи на студенти наставата ќе се одвива онлајн. Според наставните програми, на периоди ќе се менува начинот на изведување на наставата, односно едни групи ќе следат со физичко присуство, а други онлајн, па потоа ќе се менува - вели ректорот на АУЕ- ФОН, проф. Мирко Трипуновски.
Тој додава дека целосно ги почитуваат протоколите и препораките за заштита од ковид-19, а за да овозможат што поголем број студенти да ја следат наставата со физичко присуство, обезбедуваат и нови предавални.

Новата студентска година на Меѓународниот балкански универзитет почнува денес, а наставата ќе се одвива и со физичко присуство и со далечинско учење.

- Меѓународниот балкански универзитет во изминатиот период инвестираше во платформа за онлајн учење и целосна дигитализација на сите амфитеатри, училници и лаборатории со паметни табли, систем за видео и аудиокомуникација во реално време, со што се воведе вистински хибриден систем за учење како новитет во високообразовниот систем. Студентите од земјата ќе имаат можност да следат настава со физичко присуство, а студентите од странство ќе имаат избор или да бидат присутни физички или преку онлајн платформата за учење да ја следат наставата во реално време - велат од Меѓународниот балкански универзитет.
Наставата на сите факултети на Европскиот универзитет оваа академска година ќе се одржува со физичко присуство, согласно препораките и мерките донесени од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.
- За студентите што се запишани на втор циклус студии и каде што има помали групи, како и сите оние студенти за кои се применува менторски систем, ќе биде овозможена настава со физичко присуство. За странските студенти што студираат на англиски јазик се овозможува настава на далечина, во договор со предметниот наставник. Доколку дојде до промена на состојбата, ќе обезбедиме одржување на онлајн настава преку соодветни платформи - велат од Европскиот универзитет.
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема