X
 23.02.2022 Образование

Зошто сѐ повеќе студенти се одлучуваат да студираат во Истанбул?

Истанбул е историски град кој се наоѓа на два континента. Некогаш познат како Константинопол, овој град одлично ги спојува Истокот и Западот. Богат е со култура и е познат по разноликоста, а во него секогаш има нови места за истражување. Во последно време Истанбул станува популарна дестинација за студирање од повеќе причини.

Бартола Мавриќ Мустафа од Хрватска ги завршила магистерските студии во Истанбул.

- Се одлучив за студирање во Истанбул бидејќи е еден мултикултурен град кој истовремено овозможува запознавање на луѓе од сите различни делови на светот. Тоа е најдобар начин за учење нови култури и градење пријателства за цел живот, а исто така Истанбул ми се допаѓа што освен источната култура, ја познава и содржи и западната култура на живот на која сме навикнати во Европа - вели таа.


Фото: Pixabay

Истанбул е дом на дури пет од најдобрите универзитети во Турција кои нудат многу опции за студирање. Професорите, кои нудат квалитетно образование, се лесно достапни за студентите, пишува „Пун куфер“. По дипломирањето, дипломите се признаени на меѓународно ниво.

Финансиски поволности

Истанбул е и еден од најпристапните големи градови во светот. За студентите е дополнително поволен бидејќи се нудат разни студентски попусти. Почнувајќи од евтиниот јавен превоз, до влезот во музеите, попустите во рестораните и речиси сите продавници. Во Истанбул може да изнајмите соба за 60 евра, а цел стан може да се најде и за 150 евра.


Фото: Pixabay

Во градот има над 10 метро-линии, траект и подземен воз кој минува низ Босфорскиот канал и овозможува поминување од Азија во Европа за неколку минути. Како студент, ова патување чини помалку од 3 лири (околу 12 денари), а тоа е поевтино доколку купите месечен студентски пакет.

Можности за патување

Студентскиот живот е најдобро време за патување. Истанбул се наоѓа на локација која овозможува лесен пристап до Азија и Европа, а од градот се нудат многу летови во поголемиот дел од земјите на овие, но и на другите континенти. Конечно, студирањето во Турција нуди можност за учење на турскиот јазик.

Извор: Pun kufer
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование