Енергетската криза тропа на вратите на училиштата, а само неколку во изминатиот период поставија фотоволтаични централи, па во претстојната зима сметките за струја ќе им бидат помали. Меѓу пионерите е Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје, првото во земјава кое пред три години изгради фотоволтаична централа со 42 соларни панели со грант од Фондот за иновации и сопствени средства. Школото започна мини револуција во пристапот кон здравата животна средина и енергетската ефикасност, како и чекор напред во праксата на учениците кои можат преку практичен пример да изучуваат како функционира централата.
„Михајло Пупин“ е пионер на енергетско-ефикасни училишта во земјава
- Имаме фотоволтаична централа со моќност од 13,7 киловати. Таа не е доволна за да бидат покриени сите потреби на училиштето. Но, во време на енергетска криза и тоа како ни помага за намалување на сметките за електрична енергија. Централата е функционална и се надеваме дека во наредниот период ќе имаме повеќе сончеви денови за поголемо производство на струја. Во развојната програма на училиштето е предвидено во наредниот период да се постави поголема фотоволтаична централа на целата покривна површина и тоа да почне и да се реализира уште од почетокот на наредната година, со што би ги задоволиле комплетните потреби за електрична енергија на училиштето - вели директорот на СЕТУ „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев.
Димитар Ѓорѓиев
И од Општина Аеродром соопштија дека фотоволтаици се поставени во сите основни училишта освен во „Димитар Македонски“, кое беше во градба и каде што немаше услови за инсталација. Целта е заштеда на електрична енергија и амортизирање на ценовниот шок од енормно високата цена на струјата.
- Не сите училишта располагаат со точна статистика за трошоците, но првичните анализи покажуваат дека поголемиот дел веќе имаат забележано намалување на сметките за електрична енергија. Конкретен пример е едно од училиштата, во месец април била платена фактура во износ од 67.392 денари, за разлика од месец мај кога беа вклучени фотоволтаиците, по што сметката која пристигнала е во износ од 22.020 денари - велат од Општина Аеродром.
Во државата има и факултети, како Техничкиот во Битола, предводници во инсталирањето на фотонапонски централи. Овој факултет има инсталирани фотоволтаици со можност од 20 киловати, а сметките за струја веќе се намалија. Уште 10 киловати им се ветени дека во најскоро време ќе се монтираат од ЕВН, со што се очекува сметките да се преполоват.
- Потрошувачката на струја е многу помала. Не можеме точно да кажеме за колку зашто беа инсталирани за време на короната, кога наставата течеше онлајн и не се трошеше многу струја. Меѓутоа, нашите пресметки покажуваат дека околу 40 отсто се помали сметките. Направивме и нова фасада, покрив, ставивме изолација, станавме енергетски ефикасен факултет. Месечно змискиот период за струја плаќавме 100.000 денари, а оваа година не надминавме 40.000 денари, но да имаме предвид и дека имавме помалку активности поради короната - вели професорот Стојанче Нусев, во чиј декански мандат беше монтирана фотонапонската централа на Факултетот.
Технички факултет - Битола
Дел од училиштата подготвуваат проекти, а општините вршат мапирања
Други образовани установи уште се заглавени во административни процедури, прават проекти за фотоволтаици, а некои немаат можност за поставување. Со цел ублажување на последиците од енергетската криза, и Општина Куманово летово најави поставување на фотоволтаици на три средни училишта во градот и на тендер ја избра фирмата за проектирање и изведување на централите. Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип има изготвено проект за производство на енергија преку соларни системи. Исто така, и Општина Битола врши мапирање на школските објекти на кои има услови да се постават фотоволтаици.
Најголемиот дел од училиштата, и покрај тоа што ќе платат високи сметки за електрична енергија, ќе ги греат просториите претежно на дрва, мазут и нафта. Претстојната зима проблематична ќе биде и за оние образовани установи кои греењето со мазут го заменија со инвертер-клими. Сега сметките за струја двојно ќе се зголемат.
Нова дограма на ОУ „Елпида Краманди“
Реконструктивните зафати можат да донесат заштеда до 50 проценти
Експерт за енергетска ефикасност, кој сакаше да остане анонимен, потенцира дека е потребна соодветна квалитетна стручна анализа при избор на најповолно решение за задоволување на енергетските потреби на објектите. Треба да се знае дека за загревање на санитарна топла вода, најдобро решение е со систем на соларни термални колектори и со топлинска пумпа, бидејќи доколку се има целогодишна потреба од топла вода, тогаш соларниот термален колектор има искористеност над 90 проценти додека фотоволтаиците се со искористеност од околу 20%.
Истиот експерт посочува дека инвестицијата во фотоволтаици се враќа за три до четири години, а ако се земе предвид дека гаранцијата им е 20 години, имаат економска исплатливост од 16 години. Тој посочува пример за јавно претпријатие во земјава кое поставило фотоволтаици и сметката за струја од 850.000 денари му се намалила на 350.000.
Енергетска ефикасност на објектите, а со тоа заштеда на струја до одреден степен, овозможуваат и реконструкцијата на фасадата со заштеда до 30 проценти, замена на покривот до 15 проценти и нова ПВЦ-дограма исто така до 15 проценти. Доколку ова го применат училиштата, од старт ќе имаат заштеда на струја за повеќе од половина.
- Добар дел од реконструктивните зафати во училиштата беа направени за време на корона-кризата кога наставата беше онлајн и трошоците за енергија и онака беа намалени. Сега немаме реални параметри со кои би можеле да направиме споредба како беше пред и сега, но експертските процени покажуваат вакви заштеди - вели експертот.
Нови прозорци на гимназијата „Јосип Броз Тито“ - Битола
Повеќето училишта се во трета категорија од шест скалила по енергетска ефикасност
Експертот додава дека на повеќето училишта и други јавни објекти во општините им е извршена категоризација за енергетска исплатливост. Ни еден од нив нема А-категорија, што значи највисока енергетска исплатливост. Најголемиот дел се рангирани во Ц и Д-категорија, а најдолното ниво стигнува до Ф. Притоа, мора да се земе предвид дека повеќето од училиштата се стари објекти кои со реконструкциите стигнуваат до Б и Ц-категорија.
Во однос на поставувањето на фотоволтаиците, експертот посочува дела тоа не може да се направи на секое училиште зашто треба објектот да има здрав покрив, да не е заштитен како културно наследство зашто процедурата е многу долга и препорачливо е објектот да има јужна положба. Тоа не може да си го дозволи секое училиште. Воедно, и проектната документација не е евтина, а пак ако ја немаат, не можат да аплицираш за средства од фондови.
Странските искуства покажуваат дека фотоволтаици се поставени во илјадници училишта во САД, а бројот на образовни институции што го усвојуваат овој модел постојано расте. Според пресметките за период од шест години, од 2014 до 2019 година, бројот на вакви инсталации во училиштата пораснал до 80 проценти, а инсталираната моќност достигнала речиси 1.400 MW.