Поранешниот студент Дује Ковачевиќ од Хрватска напиша колумна за веб-порталот „Средња“ во која ќе се пронајдат многу денешни и поранешни студенти. Во продолжение е превод на целата колумна.
„Кога сте го прочитале овој наслов, сигурен сум, сте добиле разни идеи. Но, ако се надевате на некој брутален совет за иднината, животен трик, решение за сите ваши проблеми, мора да ве разочарам. Јас, впрочем, немам никаква намера да ви солам памет. Само малку да ве освестам и со некои од вас, од позиција на чиста реалност, барем да се обидам да сочувствувам.
Порано студентите живееле на буџет
Јас се запишав на факултет во далечната 2015 година. Тоа не беше толку одамна временски, но од денешна перспектива, егзистенцијално и финансиски - о, да - беше и тоа како одамна. Соба во огромен стан плаќав 750 куни (100 евра), а со уште 1.000 куни (130) месечно живеев. И тоа како. Некогаш и трипати седмично се излегуваше, кафе секој втор ден, а одвреме-навреме нешто би зготвиле или би нарачале.
Тоа се, јасно, оние студентски денови кога можеш да живееш со 823 цимери и да спиеш на кауч постар од Франц Фердинанд, но и тука нешто се сменило. Порано се знаеше што точно се подразбира под студентски живот; ова што го наведов, на буџет, без некој луксуз и комфор. Денес, подразбира сѐ до една работа, онаа најважната, а тоа е буџетот.
Денес е потребна просечна плата
Живееме во време кога гарсониерите чинат по 3.000 куни (400 евра), а за половина од тој износ повеќе не можеш ни со цимер и соба од неколку квадратни метри. Ако имаш автомобил, можеш да изнајмиш место за паркинг, па да живееш во автомобил. Дури и така, по некое време, ќе останеш без пари, па во багажник би сместил цимер за неколку стотици евра. Тоа би требало да биде решение.
Шегата на страна. Речиси нема студенти кои не работат нешто, а многу од нив со полно работно време. Не за да заработат за нови фармерки, патики или патување до Будимпешта. Не, туку за храна, сместување, живот. За воопшто да може да студираат.
Некој сега ќе рече - секогаш имало студенти што морале постојано да работат. Тоа е точно, но никогаш не ги имало во толкав број. Иако се плашам од поминувањето на годините и стареењето, од една страна, онаа економската (или подобро речено економична), мило ми е што повеќе не сум толку млад. Што факултетот го запишав пред седум години и веќе не морам да се грижам што и како. Затоа што денес би ми било многу потешко. Помошта од родителите на која сметав тогаш веројатно повеќе не би можел да ја добијам.
Иако сум еден од оние што постојано работеа за време на студирањето, тие пари, и покрај зголемувањето на дневницата, што би ги заработил денес, не би ми осигуриле живот како пред тие далечни седум години.
Тоа не е кошмар, но...
Би било многу различно. Можеби денес, да матурирам сега и да морам да се запишам на факултет, не би се запишал на ништо. Некој ќе рече дека претерувам, но тоа е повеќе од реално. Особено за оние што сакаат да се преселат од мала во поголема средина, од родителски дом на село во голем град. Трошоците и инвестициите што мора да ги имате денес за да успеете не може да се споредат со некогашните.
И повеќе ја немаш таа привилегија да му се посветиш на факултетот колку што сакаш затоа што ако сакаш да (пре)живееш, мораш да работиш голем дел од денот. Со тоа нормално доаѓаат анксиозност, стрес, неизвесност. Во најмала рака запоставување на факултетот за по предавањата да можеш да седнеш на некој половен велосипед, па да доставуваш храна насекаде низ градот бидејќи, видете, освен добрите плати, тука се и најголемите бакшиши.
Немојте да ме сфатите погрешно, тоа не е кошмар, ниту најголем проблем на светот. Но жално е што за многу луѓе, многу повеќе од кога било, тоа станува нужно.
И не го пишувам ова без врска, за да пополнам неколку реда или да си ја намалам досадата. Го пишувам ова за сите малку да се разбудиме. Да се освестиме каде и како живееме. Не можеби, туку сосема сигурно денес има млади кои не се запишале на факултет бидејќи не можат да си го дозволат. Без разлика на субвенциите на школарината, мензите, па дури и студентскиот дом. Животот стана прескап за некои работи, па така и за образованието, за жал.“
Извор:
Srednja
Насловна фотографија: Pixabay