17.03.2021
Образование
Во училница најдоцна до 10 часот, влез на една, а излез на друга врата... Објавен протоколот за полагање државна матура
Полагањето за државната матура ќе почне на 5 јуни.
Министерството за образование и наука го објави Протоколот за постапување на средните училишта при реализација на испитите од државната матура за учебната 2020/2021 година.
•Во средните училишта во кои се реализира државната матура потребно е да бидат обезбедени санитарно-хигиенски услови.
•Средствата за дезинфекција да се постават пред училиштето и да се врши задолжителна дезинфекција на рацете на сите ученици и сите инволвирани во реализацијата на државната матура пред да влезат во училиштето.
•При влегување во училиштето да се врши мерење на температурата на секој ученик и секој инволвиран во реализацијата на државната матура, како и дезинфекција на рацете.
•Сите учесници во реализацијата на државната матура (ученици, тестатори, набљудувачи и членови на училишните матурски комисии, редари, хигеничари) задолжително да носат заштитна маска на денот на испитите, за цело времетраење на истите.
•Учениците, согласно утврден распоред, влегуваат во училниците во периодот од 9.15 до 10.00 часот.
•Учениците задолжително да носат документ за лична идентификација и прибор за пишување.
•Да се означат влезовите за влез и излез од местото каде што ќе се одржува полагањето, како и патеки за еднонасочно движење, со поставени ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и во училиштето.
•Да има организирана редарска служба во училиштето, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците од минимум 2 метра пред влегувањето и внатре во училиштето, и тоа 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари во училиштето. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на средното училиште.
•Да биде организиран просторот во училниците, со цел спроведување на редот и одржување на потребното физичко растојание меѓу учениците од минимум 2 метра со присуство на максимум 15 кандидати во една просторија. Задолжително да се врши дезинфекција на клупите и столчињата во просториите каде што ќе се врши полагањето на учениците, со дезинфекциско средство кое дејствува на вируси според упатство од производителот.
•Просториите во кои се реализира државната матура, пред почеток на испитите, се проветруваат или доколку овозможуваат временските услови, се остава отворен прозорец.
•По завршување на полагањето учениците да го напуштат просторот движејќи се по означените насоки на движење.
•Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциски средства.
•На крајот на секој ден задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое дејствува на вируси според упатство од производителот. Алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
•Освен овој протокол, важи и Протоколот за постапување на средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година, со напомена за строго почитување на пропишаните превентивни мерки.
•Организаторите на полагањето на државната матура ќе сносат полна одговорност за контрола и правилно спроведување на протоколните мерки.
Фото: Архива