X
 16.02.2016 Култура

Европски правила: Казни до 3000 евра за нелегално печење ракија

Ракијата е составен дел од нашата култура, но и од бугарската. Иако пијалокот се пие во овие краишта од 13-тиот или 14-от век, непосредно пред влезот на Бугарија во Европската Унија завладеел страв дека никој нема да може да пече ракија, па дури ни да ја послужува на венчавките. Сомнежите се покажале како делумно оправдани бидејќи жителите на Бугарија започнале да плаќаат данок на алкохол во вредност од најмалку 550 евра за сто литри по наредба од ЕУ.


Ограничувањето на производството и плаќањето на данокот предизвикало револт меѓу бугарските произведувачи, кои ја присилиле владата да бара промени во Брисел. Бугарија успеала да обезбеди најнизок можен данок, со што произведувачите плаќаат 1,1 евро по литар за најмногу 30 литри произведени за лична употреба. Секој литар ракија над дозволеното се тарифира двојно повисоко.

Освен тоа, сите казани за печење морале да бидат регистрирани, а царинските инспектори докажуваат колку ракија навистина била произведена. Според проценките на експертите, во Бугарија има околу 8.000 казани, иако официјално се регистрирани само 2.800.

Министерот за финансии, Владислав Горанов наведува дека од овој данок се профитирало околу 370.000 евра, што е помалку од 1% од вкупните приходи од акцизите на алкохолните пијалоци за 2015 година.

Данокот за помалите предмети за дестилација моментално изнесува 225 евра за хектолитар чист алкохол.

Според законските прописи, печењето ракија ќе се врши од јули до декември, а во првата половина од годината казаните ќе бидат запечатени.

Казните за нелегално печење изнесуваат 500-1.000 евра за физичко и 1.000-3.000 евра за правно лице.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура