X
 22.09.2022 Економија

Рекордни цени на авиокартите од Москва до Белград

Картите за летовите од Русија брзо се распродале откако претседателот Владимир Путин побарал делумна мобилизација на 300.000 резервисти. Цените на картите во еден правец од Москва до Белград, судејќи според страниците на кои може да се направат резервации и да се купат карти, рушат рекорди.

За 22 септември цените на картите во еден правец на релација Москва - Белград чинеа просечно 3.323 долари, додека за 23 септември цените се движат од 1.600 до 5.600 долари. За другите датуми, најповолната цена повторно е 1.600 долари.

Повеќето летови на „Ер Србија“ од Москва до Белград се распродадени. Според податоците на оваа авионска агенција, првите слободни термини се за 25 и 26 септември, а потоа на 9 октомври. Цените за повратни летови се движат од 160.000 до 230.000 динари (84.000-121.000 денари). Од Москва до Белград може да се лета со „Ер Србија“, но и со „Туркиш ерлајнс“ и „Флај Дубаи“ со преседување во Истанбул или Дубаи.

Податоци на „Гугл трендс“ покажуваат и зголемена посета на „Авиасејлс“, најпопуларната руска веб-страница за купување авионски карти. Според податоците од веб-страницата, директните летови од Москва до Истанбул и Ереван, каде што Русите може да влезат без виза, биле распродадени во средата. Не биле достапни ни други индиректни летови.

Видео објавено од „Флајт радар“, апликација за следење летови, покажува како се движеле летовите од Москва и Санкт Петербург во средата.


Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одбил да одговори дали се планира затворање на руските граници за да се спречи бегање на воено способното население.

Извор: Buka
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија