Нееднаквоста помеѓу богатите и сиромашните не е само во парите. Во еден есеј објавен во стручниот магазин „Плос бајолоџи“ се наведува дека микробиомите во нашите тела, неопходни за нашето здравје и долговечност, не се еднакви.
Во текстот се додава дека пристапот до здрави микроорганизми е поврзан со социјални и економски нееднаквости.
Тимот предводен од Сузан Ишак, доцент на Универзитетот во Мејн и експерт за животински микробиоми, ги опишува примерите на чувствителност на човечкиот микробиом на разликите во здравствената заштита, исхраната и безбедните еколошки стандарди. Таа „нееднаквост на микробиомите“ поставува прашање дали здравиот микробиом треба да биде „право“ или „законска“ обврска.
- Исхраната и вашиот животен стил може да имаат драматични влијанија врз микробите во цревата. Ако немате пристап до квалитетна исхрана, ќе треба да ги трпите последиците од тоа што ги немате тие корисни микроорганизми - вели Сузан Ишак.
Фото: Depositphotos
„Празнините“ во здравјето на микробите може да се појават и пред да се роди личноста бидејќи некои од најважните микроорганизми се стимулираат во матката и врз нив влијае пристапот на мајката до здрава храна, како и нивото на стрес што може да се влоши од економската нееднаквост.
Достапноста на породилно отсуство или социјалната поддршка исто така влијае врз количината на време што новите мајки може да го посветат на доењето на своите бебиња, што е критичен фактор во воспоставување здрав микробиом.
Според истражувањето, популацијата што има пристап до квалитетна
храна ќе има подобри резултати во физичкото и менталното здравје од онаа што нема. Врз нив влијае и местото во кое живееме и каде што работиме, близината на зелените површини, загадувањето...