X
 04.12.2019 Наука

Откриен радиосигнал во вселената, го емитува нов вид ѕвезден систем

Астрономите откриле радиосигнал чие потекло е тешко да се објасни. Една од хипотезите е дека го емитува нов вид ѕвезден систем, велат научниците.

Радиосигналот што го емитува небесното тело е оддалечен околу 1.800 светлосни години од Земјата, во близина на соѕвездието Јужна Ара. Набљудувањето било направено со помош на телескопот „Меркат“, во пустината Каиро во Јужна Африка.

Необичниот сигнал настанал од две ѕвезди што се вртат една околу друга. Но, излегло дека е тешко да се објасни ова откритие.

Тимот на научници заклучил дека изворот на сигнали се поклопува со положбата на ѕвездата „TIC 8332-2529-1“. Оваа ѕвезда е релативно светла, па во минатото ја виделе многу различни оптички телескопи.

Анализата на оптичкиот спектар открила дека ѕвездата има магнетно поле и дека орбитира околу придружната ѕвезда на секој 21 ден.

Трагите од оваа придружна ѕвезда се нејасни, па научниците заклучиле дека мора да е многу послаба од џиновските ѕвезди. Но, откриле дека нејзината маса е 1,5 пати поголема од масата на Сонцето.

Ова значи дека е преголема за да биде бело џуџе, кое често е дел од познатите системи на бинарни ѕвезди.

- Мала е веројатноста да се работи за таква ѕвезда - напишаа авторите во извештајот.

Од каде доаѓаат радиосигналите?

Радиосигналот би можел да биде предизвикан од магнетната активност на гигантската ѕвезда, слична на Сончевите бури, но многу посветла и поенергична, велат научниците. Но, ваквите ерупции обично се забележуваат кај џуџестите ѕвезди, а не и кај џиновските.

Се претпоставува дека сигналот потекнува од ѕвездениот систем формиран од џиновската ѕвезда и нејзините придружни ѕвезди.

- Би можело да биде еден вид егзотичен систем каков што досега не сме виделе, вклучувајќи огромна ѕвезда која орбитира околу неутронска ѕвезда или црна дупка - вели Лора Никол Драјзен, истражувач.

Научниците исто така објавиле дека ќе продолжат да ги набљудуваат изворот на сигналот и џиновската ѕвезда во наредните четири години за да ги потврдат своите претпоставки.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука