X
 04.12.2020 Живот

Нов уред за надзор од „Амазон“ - ќе проверува дали вработените ги почитуваат корона-мерките

„Амазон“ планира да им продава на компаниите производ со кој тие ќе знаат дали вработените носат маски за лице или одржуваат физичко растојание. Компаниите би можеле да го користат системот и за да проверуваат дали нивните вработени ги следат правилата или за да ја набљудуваат јавноста.

Работата од дома предизвика зголемена побарувачка на програми за следење на вработените, но новото решение на „Амазон“ е насочено кон следење на луѓето и производите во фабриките, продавниците и другите работни места. Апаратот „АВС Панорама“ се поврзува со стандардна камера и преку неа може да открива грешки во производството или да го следи движењето на бар-кодовите и етикетите.

Но алатката може да се примени и за следење на луѓето. На пример, во продавница таа може да ги брои луѓето и да ја проверува должината на редиците, додека во фабриките може да се следи работата на вработените и да забележува потенцијални проблеми.

Некои компании, вклучувајќи ја и „Самсунг“, веќе го пробуваат системот. Сепак, системот сè уште не е достапен за масовно купување.


Фото: Pixabay

Мери Таурс, претставник на Конгресот на трговските унии во Велика Британија, изјави дека оваа нова алатка е само уште еден пример за забрзувањето на оваа револуција во работата, зборувајќи за новите методи за следење на работниците и нивните негативни ефекти. Постои грижа дека овие системи може негативно да влијаат врз благосостојбата на вработените, но и да го нарушуваат нивното право на приватност и правото да не бидат дискриминирани.

Силки Карло, директорка на групата за приватност „Биг брадр воч“, вели дека автоматското следење на работните места ретко носи придобивки за вработените. Таа додава дека физичкото дистанцирање се користи од страна на „Амазон“ како изговор за собирање податоци и надзор.

„Амазон“ веќе беше критикуван за начинот на кој ги следи своите вработени во магацините, а некои вработени ја обвинуваат компанијата дека ги третира како роботи.

Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот