X
 21.03.2020 Живот

Граѓаните што не ја почитуваат самоизолацијата, ќе одат во карантин и сами ќе платат за престојот, одлучи Владата

Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација ќе бидат спроведени во државен карантин, против истите ќе биде поведена соодветна постапка, а трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка, одлучи синоќа Владата.

Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство треба да подготват соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапка за спроведување во државен карантин.

Владата исто така ја задолжи Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (забрана и посебен режим на движење на територијата на Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст).

На македонските државјани кои се затекнати во други земји ќе им се обезбеди можност да се вратат во земјата со хуманитарни летови, а нивна законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани.
Плаќањето на авионската карта за организираниот лет ќе биде на товар на патникот, додека трошоците за сместување, транспорт од аеродром и храна ќе бидат на државен товар.
Објектите кои ќе бидат определени за државен карантин ќе бидат обезбедувани од страна на МВР и АРМ.

На вчерашната седница, Владата донесе одлука важноста на патните исправи и за личните карти, чиј рок на важење е истечен да се продолжи за време на траење на вонредната состојба. Ова се однесува и на возачките дозволи.

Инаку, МВР соопшти дека на 19 и 20 март вкупно се поднесени 33 кривични пријави и едно известување, на 36 сторители во врска со непочитување на мерките, односно здравствените прописи за епидемијата Ковид – 19.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот