Православните христијани утре го слават Бадник, а задутре,
Исусовото раѓање - Божиќ. Бадник ги собира граѓаните дома на
традиционална посна вечера со зелник, риба, посно гравче, тиква и
лутеница, а според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Според
традицијата, граѓаните се трудат да стават се на маса, за во текот на
целата година трпезата да биде богата. Домаќинката меси погача со
паричка , која се крши, а кому ќе му се падне паричката, според
традицијата, тој ќе има среќа целата година.
Позната е изреката каде и да си за Бадник дома да си. Богатата посна
трпеза останува цела вечер на масата, а утрешниот ден се прави
традиционален Божиќен ручек во кругот на семејството.
На овој ден, уште во зорите се слуша гласот на коледарите, кои ја соопштуваат веста за раѓањето на Исус Христос.
По обичај на коледарите пеат коледарски песни и им се даваат ореви, јаболка, круши, костени...
Коледе леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.
Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.
Коледееееееееее…
Кој што спие нека стане
нека меси колачиња
колачиња за дечиња…
ако нема колачиња
нека даде јаболчиња,
ако нема јаболчиња
нека даде паричиња, …
ако нема паричиња
нека даде се што има…
б’дња бабаааа Коледееее…