X
 06.01.2021 Наша тема

Бадниково гранче за здравје, богата трпеза за богат род, паричка за среќа... Што значат обичаите за Бадник и Божиќ?

Од каде потекнуваат овие народни обичаи, за кои црквата честопати вели дека немаат верски карактер и дека се дел од паганската традиција на празнувања меѓу народот.
Како тие верувања и празнувања останале вкоренети до денес...


Богата бадникова трпеза, бадниково гранче, лепче со паричка. Сето тоа придружено со бадникови огнови и коледарски песни. Ова се народните обичаи и традиции за празнување на едни од најголемите верски празници во православието - Бадник и Божиќ на народот во Македонија, кои секоја година се одбележуваат на 6 и 7 јануари. Овие обичаи се разликуваат од местото на живеење, но, сепак, сите имаат заеднички сегменти.
Но од каде потекнуваат овие народни обичаи, за кои црквата честопати вели дека немаат верски карактер и дека се дел од паганската традиција на празнувања меѓу народот.
Како тие верувања и празнувања останале вкоренети до денес? Дали тие се изворна традиција или, пак, се наследени обичаи? Одговори на овие дилеми има во етнологијата и во културолошките толкувања, а ги објаснува етнологот Даворин Трпески, професор и раководител на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според него, речиси е невозможно да се објасни традицијата во земјава за овие празници зашто се работи за цела низа верувања и обредни активности.

Спој на пагански и христијански верувања

Трпески посочува дека се работи за комплекс од празнувања, кои во етнологијата и антропологијата се познати како празници од новогодишниот обреден циклус, инкорпорирани во македонската народна култура.

Даворин Трпески

- Тоа се претхристијански прославувања кои се поврзани со раѓањето на Новата година, односно раѓањето на богот Сонце, и во голема мера се поврзуваат со влијанието на претхристијанските култури. Во прв ред на римската, но и на балканските. Секако, на тоа се надоврзале и старословенските верувања. Така, речиси во секоја од нив раѓањето на богот Сонце претставувало голем празник, кој бил придружен со најразлични веселби. Многу елементи од овие свечености, како што се маскирањата и дарувањата, биле прифатени и приспособени на локалните култури на Балканот. Со христијанизацијата во некои предели празникот добил и христијански одлики - посочува тој.

Бадниково гранче за здравје и долговечност

Од каде е традицијата за бадниквото гранче во Македонија? Кога првпат се користи тоа во народното празнување? Зошто некои православни народи не го користат бадниковото гранче?
Трпески објаснува дека кога ќе се каже Бадник, не се мисли само на празникот, туку се мисли и на главниот реликт според кој е именуван празникот, а тоа е „бадникот“, односно „дабовото дрво“ или „дабовите гранки“ што ги сечеле во шумата рано наутро, пред изгрејсонце.



- Во македонската народна култура тоа е дабовото, односно церовото дрво, кое на врвот требало да има лисја или „шумичка“. Впрочем, во некои македонски предели (Бојмија, на пример) тоа е дива круша. Тука има елементи на имитативна магија, односно луѓето да бидат здрави и долговечни како дабот, односно да бидат бериќетни и родни како дивата круша - додава етнологот.

Денес во етнологијата, посочува Даворин, бадникот претставува „дрво – жртва на вегетацијата“, а во зависност од етничкиот предел, се среќава под различни имиња, како што се: б`дник, б`дњак, бадњак, бадник, будник итн., и етимолошки се поврзува со „бдеење“, со „будност“.

- Обичаи поврзани со бадниковото дрво има низ целиот Балкан, кај Хрватите, Србите, Црногорците, Македонците, Бугарите, Албанците, Грците, но и во делови на Италија и Франција. Но, не секогаш тоа е дабово дрво, туку она дрво што доминира во просторот - објаснува Трпески.

Бадникови огнови - култ кон Сонцето

Бадниковите огнови се палат вечерта пред Бадник, а во народните верувања ја симболизираат светлината на небото која се појавила деновите пред раѓањето на Христос.



Кај нас, палењето на бадниковите огнови е проследено со масовни собирања на соседите, музика, греена ракија или вино. Обичајот е покрај огнот да се остане до доцна во ноќта. Бадниковите огнови најмногу се практикуваат во Србија и во Македонија. Последните 20 години тие се голема традиција во земјава, иако Македонската православна црква-Охридска архиепископија апелира дека огновите немаат верски елементи и се дел од паганските обичаи.

Според етнологот Трпески, огновите пред Божиќ се поврзуваат со засилувањето на Сонцето, кое во народната култура било митологизирано.

- Коледарските огнови, според народната традиција на Македонците, се палеле секоја ноќ во текот на божиќните пости, а најинтензивно тоа се случувало на Коледе, односно Бадник и Божиќ. Палењето огнови било одлика насекаде на Балканот, но под влијание на новото, многу од овие обичаи денес се напуштени. Луѓето го сфаќале како божество кое има човечки карактеристики и кое секојдневно „одело“ по небесниот свод. Овој од на Сонцето низ годината претставувал долг и нерамномерен пат, од кој главно, според народните претстави, зависела и промената на годишните времиња. Идејата за годишното умирање и за повторното раѓање на Сонцето, поточно неговото преродување или раѓањето на новото Сонце, претставувала составен дел на единствената и сеопштата човечка претстава за новиот почеток на новата календарска година. Овој почеток на народната Нова година се случувал за време на зимскиот солстициј, а тоа било утврдувано преку најконкретно набљудување на моментот кога денот почнувал да се наголемува на штета на долгата зимска ноќ - објаснува етнологот.

Коледарските песни настанале во празнична еуфорија

Утрото на 6 јануари коледарите или малите деца први го навестуваат раѓањето на Христос. Одат од куќа на куќа и пеат коледарски песни, за што добиваат награда во вид на јаткасти плодови, овошје и пари. Верувањата се дека децата имаат најчиста душа и затоа тие се оние што треба да го најават раѓањето на синот Божји. Според теолозите, првите весници на празникот се децата-коледари, тие се известувачите за Божиќ.

Дали коледарските песни се изворни или се обичаи кои се одомашиле во Македонија? Зошто во некои од тие песни нема ништо за Бог, а има други и невкусни зборови?

Етнологот Трпески вели дека во минатото, и покрај тешкиот пост, не било реткост во некои предели во Македонија коледарите да испечат и месо. Вели дека тие консумирале и алкохол, со што уште повеќе се „разгорувала“ атмосферата околу огнот и во таква екстаза биле извикувани „песни – реденици“, при што не се водело сметка за мелодичноста на песните, туку само за силината на скандирањето и на викањето.



- Овие песни во некои предели уште се наречени „мрсни, гнасни, коледарски или безобразни песни“. Кажувањето „гнасни“ песни било во функција да се влијае врз принципот на плодноста, односно да се поттикне плодноста кај луѓето, но и кај животинскиот и кај растителниот свет. Во тие пригоди биле уривани секојдневните табуа и тие добивале статус на дозволено - објаснува етнологот.

Според него, од многу понов датум се песните кои во последниве години ги форсира црквата.
- Се работи за песни кои во Македонија биле практикувани од крајот на 19 и почетокот на 20 век, под влијание на некои источноевропски цркви. Главно биле изведувани во поголемите градови, Битола, Скопје, Охрид. Денес, кога се вели дека се обновуваат овие песни, се мисли на обновување на нешто за што се знае дека било увезено, се практикувало прилично кратко и не така масовно и тоа пред околу сто години. Но, организаторите на тоа му придаваат големо значење и поддржано од одредени политички центри на моќ и од медиумите, многу лесно успеваат да го наметнат, а притоа она другото да го прогласат за лошо и за нехристијанско. Културата отсекогаш била флуидна. Таква и ќе остане и секогаш ќе биде подложна на измени -додава Трпески.

Богата трпеза за богат род

Според обичајот, на Бадник не се оди на гости. Целото семејство треба да се собере на маса во домашни услови. Предбожиќните подготовки завршуваат со заедничката посна трпеза за Бадник во секое семејство. Трпезата е симбол на заедништвото и на љубовта.
Фолклористот Марко Китевски во книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ опишал како се слават Бадник и Божиќ.
Според него, целта на трпезата со посна храна, од питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник и овошје, е да обезбеди богат род на земјоделските култури.

- Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека навечер ќе дојде дедо Боже и ќе јаде. На Бадник во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става пара. Сите присутни ја бараат парата и тој што ќе ја најде, се смета за најсреќен во годината што претстои. Парата се става во чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа - пишува Китевски во книгата.



Поговорката - пред Божиќ, зад Божиќ, кај и да си, дома да си, значи да се биде во кругот на семејството, на најблиските и со нив да се прослави раѓањето Христово, но и да се биде на безбедно во најстудениот период од годината кога имало снежни наноси.

Паричката носи среќа

Лепчето со паричка на бадниковата трпеза го зазема централното место.
Погачата се крши пред вечерата. Верувањето е дека оној на кој ќе му се падне паричката ќе има среќа, успех и бериќет во текот на целата година.
Сепак, многумина имаат дилема зошто во некои места лепче со паричка се крши за Бадник, а некаде за Василица?



Но, од каде доаѓа народното верување за подготвување лепче со паричка за Бадник?
Етнологот Трпески вели дека во етнолошките истражувања што ги спровеле низ македонските села многу често повозрасните жители не се сеќаваат дека нивните родители практикувале да ставаат паричка во лепчето (независно од тоа дали станува збор за Бадник или за Василица).

- Затоа секој може да дојде до заклучокот дека најверојатно станува збор за понов обичај кој денес се практикува и во македонските села. Се претпоставува дека станува збор за увезен обичај од околните земји за време на пропагандите во Македонија. Прво во македонските градови, а потоа и во селата. Знаете, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век особено биле силни влијанијата на околните цркви, грчката, бугарската и српската.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема