X
 30.05.2019 Образование

50.000 наставници штрајкуваат во Нов Зеланд - бараат повисока плата и поголема почит

Повеќе од 50.000 наставници во основно и во средно училиште штрајкуваат во најголемата акција во училиштата во Нов Зеланд.

Откако коалицијата на трудот ја презеде власта кон крајот на 2017 година, наставниците одржаа три штрајка, повикувајќи за зголемување на платите, подобри работни услови и поголема почит кон нивната професија.

Но, во средата првпат наставниците од основните и од средните училишта се обединија во заедничка акција, нарекувајќи го штрајкот „мегаштрајк“.

Демонстрантите досега одбија три понуди за зголемување на платите за 3 отсто и велат дека сакаат да се зголемат за 15 отсто или повеќе за да продолжат со работа. Но, владата вели дека нема пари за да овозможи повисоки плати.

1
Фото: Getty Images

Кали Оливиера, наставник во основно одделение од Гластон, вели дека штрајкот е последното средство. Оливиера е наставничка повеќе од 20 години и вели дека заморот и стресот станаа чести во оваа професија. Ако барањата на наставниците не бидат исполнети, таа ќе мора да се откаже и да работи во приватниот сектор.

- Наставниците се преоптоварени и немаат време да предаваат. Тоа е огромна борба. Постои огромна криза во Нов Зеланд, во смисла на недостиг на наставници. Сакаме владата да инвестира во иднината на наставниците и на децата. Смачено ни е од краткорочни решенија - додава таа.

Повеќе од 700.000 деца се погодени од штрајкот, а многу родители се принудени да земат слободни денови или да ги понесат децата со себе на работа.

Претседателот на Асоцијацијата за наставници, Џек Бојл, вели дека е разочарувачки што договорот со владата е откажан.

- Добро обезбеден, правичен образовен систем е од суштинско значење за здраво општество. Да се надеваме дека владата ќе дејствува според принципите и ќе го направи тоа - изјави Бојл.

Линда Стујарт, претседателка на сојузот што ги претставува наставниците во основно училиште, вели дека секторот е во криза. Наставниците се принудени да се грижат за премногу ученици и се заглавени со прекумерна документација, големи класови и недоволно финансирање за учениците со посебни потреби.

- Наставниците прозборуваа - тие сакаат владата да најде решение. Нашите деца не можат да чекаат, а не можат ни наставниците. Понудите што ги добивме од владата не се осврнаа на проблемите со кои се соочува нашата професија - вели Стујарт.

Владата беше принудена да ангажира наставници од Велика Британија и од Австралија за да го спречи недостигот. Но, многу училници и понатаму немаат наставници, така што директорите се принудени да предаваат, а често ги молат и пензионираните наставници да се вратат.

Опозицијата вели дека штрајкот предизвикува проблеми во целата земја бидејќи многу улици се затворени. Штрајкот ќе ги погоди и семејствата со ниски приходи, кои не можат да си дозволат да изнајмат некој да им ги чува децата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование