X
 24.06.2016 Живот

Како еден наставник им го претстави насилството на своите ученици?

Eден наставник од Бирмингам, Велика Британија искористи едноставен и моќен трик за да ги научи своите ученици за ужасните ефекти од насилството.

 

јаболко


Роузи Датон посетува различни училишта низ земјата за да ги учи децата за релаксирањето и совесноста. На нејзината Фејсбук страна таа неодамна постира за лекцијата на која ги научи учениците во врска со ужасното влијание кое може да го предизвика насилството и исмејувањето.

„Денес, на еден од нашите часови, на децата им претставив две јаболка (децата не знаеја дека пред часот јас неколку пати паднав едно од јаболката на подот - сепак и двете јаболка изгледаа совршено). Разговаравме за јаболката и децата опишуваа како тие изгледаа исто; и двете беа црвени, со слична големина и изгледаа доволно сочно за јадење.

Го зедов јаболкото кое претходно го паднав на подот и започнав да им кажувам на децата дека не ми се допаѓа јаболкото, дека мислам дека е одвратно, дека има ужасна боја, и дека дршката е премногу кратка. Им реков дека бидејќи мене не ми се допаѓа, не треба да им се допаѓа и нив, па и тие треба да го навредуваат.

Некои деца ме гледаа како да сум луда, но го подаваа јаболкото наоколу и го навредуваа: „ти си смрдливо јаболко“, „не ни знам зошто постоиш“, „веројатно имаш црви во тебе“ и слично.

Потоа го зедов другото јаболко и го дадов децата да го разгледаат. Децата започнаа да кажуваат убави зборови за ова јаболко: „ти си прекрасно јаболко“, „твојата кожа е прекрасна“, „колку убава боја имаш“ и слично.

А потоа и за двете јаболка повторно зборувавме за нивните сличности и разлики - немаше промена, и двете јаболка изгледаа исто.

Потоа ги секов јаболката на половина. Јаболкото за кое имаа само убави зборови во средината беше чисто, немаше ништо и беше свежо.

Јаболкото кое беше навредувано беше меко и не изгледаше привлечно за јадење.

Мислам дека тој момент им светна на децата. Тие сфатија дека она што го видовме во јаболкото, модринките, мекоста и уништените делови - тоа им се случува на секој од нас кога некој ќе не' малтретира со неговите зборови или акции.

Кога луѓето се малтретирани, особено децата, тие се чувствуваат ужасно од внатре и некогаш не им покажуваат на другите како се чувствуваат. Ако не го пресечевме јаболкото, никогаш немаше да знаеме колку болка сме му предизвикале.

За разлика од јаболкото, ние имаме способност да го запреме ваквото однесување. Можеме да ги научиме децата дека не е во ред да се навредуваат едни со други и дека треба да дискутираат за тоа какви чувства предизвикуваат кај другите. Можеме да ги научиме нашите деца да се поддржуваат едни со други и да запрат било каква форма на насилство, како што направи едно девојче кога не сакаше да го навреди јаболкото.

Се' повеќе и повеќе болка и штета се случува внатре ако никој не направи нешто за да го запре насилството. Ајде да создадеме генерација на љубезни и грижливи деца. Јазикот нема коски, но е доволно силен за да скрши срце. Затоа бидете внимателни со вашите зборови“.

 

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот