X
 28.05.2016 Живот

Совет од една наставничка: „Еве што ви препорачуваат вашите деца"

Веројатно сите сте слушнале за потресната приказна за еден таксист и една старица. Верувам дека сте слушнале. Ако не ја знаете, тогаш можете да ја пронајдете на интернет, токму под тоа име. Зошто ја споменувам? Затоа што приказната која ќе ви ја раскажам е многу слична, само со помлади „актери“.

Мојот среден син во основно училиште имаше наставничка која и него, а и мене засекогаш ќе ни остане во сеќавањата. Освен што му предаваше хрватски јазик, му беше и класен раководител. Ситна, со разиграни очи, секогаш насмеана. Млада, но некако со многу носталгија во тие нејзини убави темни очи.

На крајот од осумгодишното школување, не' извести нас родителите дека би сакала да ги однесе во Вуковар, нејзиниот град. Во градот кадешто била родена, каде ги изгубила родителите, дел од нејзиното детство. Некои родители беа малку разочарани со оглед на тоа што децата уште порано го имаа посетено Вуковар, но децата беа воодушевени и на негодувањата им беше ставен крај. И тоа не беше обично патување. Тоа беше едно доста емотивно патување. И не толку поради самиот град и случувањата кои се случиле таму, туку повеќе затоа што тоа им беше последно патување со нивната омилена наставничка.

Таа ги прошета низ знаменитостите на градот, низ страдањето кое оставило лузни поради случувањата во овој град. Тие ги посетија сите важни точки на градот. Го посетија и нејзиниот дом. Им ги покажа урнатините од нејзиниот дом, и им ја раскажа нејзината животна приказна. Најдоброто резиме за тоа како беше патувањето ќе ви го раскажам со зборовите на мојот син.

„Мамо, јас ќе плачам кога ќе си легнам вечерва“.

„Зошто сине?“, го прашав јас.

„Денес конечно ја запознав мојата наставничка. Толку пати бевме лоши и толку пати имаше проблеми поради нас. И сега се срамам од нас. Се срамам. Воопшто не размислуваме за неа. Денес ни покажа дека имаше тежок живот, а ние воопшто не ѝ го олеснивме“, ми рече во еден здив.

„Сине, таа е наставничка и одлично си ја извршува својата за вас. Можеше да не ве брани и да ви вика, но сама одлучи секогаш да стои покрај вас, бидејќи сте деца и се'уште учите за животот. И затоа е толку добра наставничка“, му реков нежно.

„Знам мама, но кога добив шлаканица од Игор таа него не му викаше. Мене ме прегрна и ме бакна и ми рече дека сите заедно ќе решиме. Таа го повика Игор, го праша зошто го направи тоа, а Игор ѝ одговори затоа што му напишав нешто лошо во тетратката. И тогаш рече дека не ја интересира што напишав и ме праша дали мислам дека е во ред тоа што го направив, а јас ѝ реков дека не е. Но јас сакав само да се пошегувам, а не да го повредам. Тогаш таа го праша него дали е во ред тоа што тој го направи. И тој рече дека не е, но сакал да покаже дека го повреди напишаното. И тогаш не' праша на кој јазик зборуваме, и на кој јазик таа предава, а ние во еден глас одговоривме - на хрватски. И тогаш таа не' праша зошто не разговараме сите на тој јазик тогаш кога е потребно, туку се служиме со работи кои другите не ги разбираат или кои не' болат и ни пречат. Ми требаа неколку дена за да сфатам што ми рече, но сфатив. И Игор сфати. Си се извинивме еден со друг и двата ѝ се извинивме на наставничката. И таа не" пофали и ни рече секогаш да се сетиме и да разговараме еден со друг. Дури и ако воопшто не се согласуваме околу нешто. Да ги почитуваме разликите и различното мислење“, тој ми објасни мене.

Во тој момент почувствував гордост кон своето дете и благодарност на таа прекрасна жена.

„И знаеш што е најлошо мама? Тоа што никогаш, ама баш никогаш не покажа колку е тажна поради нејзините родители. Секогаш ни се смееше. Дури и кога беше лута, никогаш немаше строг или тажен израз на лицето. Толку не' сакаше“, ми рече тој и започнаа да му паѓаатсолзи.

Го прегрнав, бакнав и му реков: „Гледаш сине колку те научила! А само предава хрватски јазик“:

И на крајот од тоа патување, наставничката им ја раскажа приказната за старицата и таксистот. Приказната за трпението и емпатијата кон луѓето. Знам дека тогаш сакаше да ги заокружи тие четири години поминати со нашите деца. Знам дека таа жена, без оглед на нејзините страдања во животот, го даде максимумот и сето свое знаење. И училишно и лично. И така постојано  во круг. Со секоја нова генерација на деца.

Ова е дел поради кој наставничката ќе остане во сеќавањата на моето дете. И во моите сеќавања поради многу работи. И во морето на сите прекрасни работи, ќе издвојам уште една.

Еден ден, истата таа наставничка повика родителски состанок. Многу брзо после патувањето во Вуковар.

„Драги родители, состанокот нема да биде долг. Ќе биде краток, но доста тежок. Ве молам после одржувањето да одете во мир и тишина, во текот на вечерта да ги апсорбирате информациите, па утре после наставата ви стојам на располагање за секое прашање“, рече таа тивко и сериозно, а потоа продолжи:

„Пред два дена, нашите деца добија задача на своите родители и домашни да им испратат порака. Анонимно. Она што не можат да ви го кажат директно, а сакаат. Јас не знам кое дете каква порака напиша, но вие сигурно ќе препознаете. Искрено, не очекував. Се шокирав. А после шокот одлучив сето ова да го споделам со вас“.

„Секое дете доби парче хартија. Никој не смееше да се потпише. Хартијата беше ставена во кутија и сите ливчиња беа измешани. Сега ќе ви прочитам што вашите деца ви препорачуваат“, рече таа. За прв пат ја видов без насмевка на лицето.

„Еве нешто симпатично за почеток“, рече таа.

„Тато, велосипедот е очајно грд, но јас сепак те сакам затоа што ми го купи!“

„Мама те преколнувам. Дај ѝ на баба да готви!“

„Мама те сакам и едвај чекам да ми родиш сестра“ - тука го препознав моето дете.

„Мама ако не ми го купиш фустанчето, ќе му кажам на тато дека скришум пушиш на балконот!“

„А сега ќе ги слушнете и за кои откако ќе ги слушнете, би сакала да си одите. Некој друг ден ќе разговараме за тоа. Сакам да ви останат во глава. Да размислувате за тоа и да преспиете. Во ред?“, таа ни рече тивко и мирно, а сите ние одобривме. Воздивна и започна.

„Тато, не ѝ вели на мама дека е курва. Таа е прекрасна жена која не' сака и мене и брат ми“.

„Мама, би сакала повеќе да играш со мене, а помалку да работиш. Дури и кога си дома, повеќе пушиш на балкон отколку што си со мене“.

„Тато, ме боли кога така ме удираш по глава“.

„Тато, сакам да те видам трезен и среќен...“

„Мама отвори ги очите. Постои повеќе од нашите 4 ѕидови. Постојат и други. Тато нема да се врати“.

„Сестро те сакам. Не можам да те гледам толку несреќна. Сакам да те прегрнам но се плашам дека ќе ме навредиш“.

„Мамо, тато, вака не можам повеќе. Одлучете дали сум идиот или само мрзелив...“

„Ако ме удриш уште еднаш, ќе ти заријам нож во срцето на спиење“.

Седев тивко во својот стол зјапајќи пред себе, плашејќи се да погледнам било кој околу себе. Како да ќе добијам шамар. Слушнав како некој станува и ја напушта училницата. После него друг. И така со ред. На крај сепак погледнав и забележав три мајки околу себе. На едната солзите и течеа по образите. Погледнав во наставничката која само ми одобри дека е во ред да одам. Воопшто не се сеќавам како стигнав до дома. Знам дека плачев и плачев и плачев. Ете, и денес ми е тешко изберам зборови и да кажам што се случи. Знам дека само се прашував - дали е возможно? Меѓу овие деца? Овие родители? Осум години ги знам како прекрасни луѓе. Но, очигледно е дека е насекаде околу нас. Или навистина не гледаме или пак ги затвораме очите. Но таа не ги затвори. И повеќе од тоа - таа ги отвори очите и го отвори срцето на многу луѓе. Како сето тоа заврши, не знам. Не сум од оние родители на кои е пренесена порака на очај. Училиштето траеше уште месец, два и искрено не се ни осудив да прашам. Но, сигурна сум дека од тоа е извлечено нешто добро. За тие луѓе. За тие деца. За тоа семејство. И сигурна сум дека ниту едно дете и ниту еден родител нема да ја заборави наставничката Бранка. Ниту излетот во Вуковар. Ниту нејзината прекрасна насмевка.

Автор: Тихана Кунштек

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот