X
 05.02.2024 Наука

Руски космонаут го собори рекордот за најдолг престој во вселената

Олег Кононенко го собори рекордот за најдолг престој во вселената, објави „Роскосмос“. Се очекува на 5 јуни да достигне вкупно 1.000 дена поминати во вселената, а до крајот на септември ќе одбележи дури 1.110 дена. 

- Летам во вселената за да го работам она што го сакам, а не за да поставувам рекорди. Горд сум на сите мои достигнувања, но повеќе сум горд што рекордот за вкупно времетраење на човечки престој во вселената сè уште го држи руски космонаут - изјавил Кононенко во интервју од Меѓународната вселенска станица.

Педесет и деветгодишниот Кононенко го презеде првото место од Генадиј Падалка, кој имаше вкупно 878 дена, 11 часа, 29 минути и 48 секунди во вселената, објавија од „Роскосмос“.

Советскиот Сојуз беше првата земја што лансира сателит во орбитата на Земјата – „Спутник 1“, во 1957 година, а потоа советскиот космонаут Јуриј Гагарин стана првиот човек што отпатува во вселената во 1961 година. Но, по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, руската вселенска програма се соочи со недоволно финансирање и корупција.

Кононенко раскажува дека редовно вежба за да се бори против физичките ефекти на „подмолната“ бестежинска состојба, но дека дури по враќањето на Земјата станал свесен за некои работи.

- Не се чувствувам лишено или изолирано. Дури откако ќе се вратам дома, дознавам дека во текот на стотиците денови во мое отсуство децата растат без разлика на тоа што тато го нема - вели Кононенко и додава дека космонаутите сега можат да користат видеоповици и СМС-пораки за да останат во контакт со роднините, но подготовката за секој нов лет во вселената станува потешка поради технолошкиот напредок.

Меѓународната вселенска станица е еден од ретките меѓународни проекти на кои САД и Русија сè уште тесно соработуваат. Во декември „Роскосмос“ објави дека програмата за вкрстени летови со НАСА до станицата е продолжена до 2025 година.

Извор: n1info.rs

Фото: Sputnik/X

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука