X
 24.07.2019 Забава

Спотот на „Bohemian Rhapsody“ стана најстарото видео кое било прегледано милијарда пати на „Јутјуб“

Спотот на легендарната песна „Bohemian Rhapsody“ на групата „Квин“ стана најстарото видео кое било изгледано една милијарда пати на „Јутјуб“. Тоа е првото музичко видео објавено во 1970-ите или во која било година пред 1990-ите години кое го достигнало тој број.

Спотот за „Gangnam Style“ беше првото видео кое било погледнато една милијарда пати. Рекордот за таа гледаност беше постигнат во 2012 година и сега тој спот е прегледан повеќе од 3,3 милијарди пати.

Сепак, тоа е малку во споредба со оние 6,3 милијарди прегледи на „Despacito“, кои беа достигнати годинава, со што спотот на оваа песна стана најгледаното видео на „Јутјуб“.

Всушност, спотот на „Bohemian Rhapsody“ не е ни во 100-те најгледани видеа на „Јутјуб“, но не треба да се игнорира ова достигнување на песната на „Квин“. Претходно единствената друга песна од 20 век која достигна една милијарда прегледи на „Јутјуб“ беше „November Rain“ на „Ганс енд Роусес“.

„Bohemian Rhapsody“ доби многу прегледи во последно време и поради истоимениот филм, кој минатата година беше хит.

Брајан Меј и Роџер Тејлор, останатите двајца членови на „Квин“, го прославија успехот на песната со прикачување на нова 4К верзија од видеото, чија оригинална премиера беше во 1975 година.

 
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава