X
 14.07.2022 Наука

Погледнете ја оваа логаритамска мапа на целиот видлив универзум

Научната заедница верува дека досега луѓето откриле само 5 отсто од универзумот.

Сепак, и покрај тоа што знаеме за само мал дел од она што е таму, научниците успеаја да откријат галаксии оддалечени милијарди светлосни години од Земјата.

Оваа логаритамска мапа на Пабло Карлос Будаси обезбедува поглед кон целиот познат универзум, користејќи податоци од истражувачите од Универзитетот „Принстон“, ажурирани во мај 2022 година.

Како функционира мапата?

Важно е да знаете неколку клучни детали за мапата.

Прво, важно е да се забележи дека небесните објекти прикажани на мапата не се прикажани со вистинската големина. Кога би биле направени во размери со големини во однос на тоа како ги гледаме од Земјата, речиси сите објекти би биле мали точки (освен Месечината, Сонцето и некои маглини и галаксии).

Второ, растојанието на секој објект на Земјата се мери на логаритамска скала, која експоненцијално се зголемува за да се вклопи во сите податоци.

Мапата истакнува голем број различни небесни објекти, вклучувајќи:

Сончевиот Систем;
Комети и астероиди;
Ѕвездени системи и јата;
Маглини;
Галаксии, вклучувајќи го и Млечниот Пат;
Јата од галаксии;
Космичка микробранова заднина - зрачење останато од Големата експлозија

mapa
Кликнете на фотографијата за поголема резолуција на мапата
Фото: Pablo Carlos Budassi

На мапата се и некои неодамна откриени објекти, како што е најдалечната позната галаксија досега, HD1. Научниците веруваат дека оваа новооткриена галаксија била формирана 330 милиони години по Големата експлозија, или приближно 8,4 милијарди години пред Земјата.

Исто така, на мапата се гледаат и вселенски летала, вклучувајќи го вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, најновиот инфрацрвен телескоп на НАСА, како и вселенската станица „Тиангонг“ на Кина, лансирана во април 2021 година.

Универзумот во моментов е стар околу 13,8 милијарди години и ништо во универзумот не може да патува побрзо од светлината.

Кога се земаат предвид проширувањето на универзумот и набљудуваните објекти кои се оддалечуваат од нас, тоа значи дека најдалечното што можеме да го „видиме“ моментално е пресметано на околу 47,7 милијарди светлосни години. И бидејќи на светлината ѝ е потребно време да патува, многу од она што го набљудуваме всушност се случило пред многу милиони години.

Но, нашето разбирање за универзумот постојано се развива со нови откритија. Што ќе откриеме следно?

Извор: Visualcapitalits.com
Фото: Pablo Carlos Budassi
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука