X
 05.03.2019 Наука

Астрономи најдоа супермеури што произведуваат ударни бранови во друга галаксија

На оддалеченост од 67 милиони светлосни години една галаксија прави огромни меури. Знаеме што се тие. Познати како нуклеарни супермеури, овие структури веројатно се создаваат од страна на супермасивната црна дупка во центарот на галаксијата. Сега, благодарение на новите податоци, знаеме дека нешто неверојатно се случува внатре во нив.

Набљудувањата на спиралната галаксија „НГЦ 3079“ откриваат дека меурите всушност се огромен космички акцелератор на честички, произведувајќи енергетски брзи честички на рабовите.

Нуклеарните супермеури се како помлада верзија на нешто што се нарекува Ферми меури, кои ги имаме и во нашиот Млечен Пат. Астрономите мислат дека тие настануваат кога црната дупка во центарот на галаксијата „се храни“.

Кога црната дупка „се храни“, екстремно моќни млазови на плазма излегуваат од половите со брзина приближно иста како брзината на светлината. Како се случува ова не е јасно, но астрономите мислат дека материјалот од внатрешниот дел на акрециониот диск се кaнализира кон половите и се лансира преку линии на магнетни полиња околу и надвор од црната дупка.

Така, хипотезата вели дека овие млазови се испуштаат во вселената, правејќи огромни вдлабнатини во вселената под и над галактичката рамнина. Во Млечниот Пат, Ферми меурите се протегаат на растојание од околу 50.000 светлосни години, па процесот на хранење кој ги предизвикал, сигурно се случил поодамна.

Фото: Science Alert

Меурите на „НГЦ 3079“ се малку помали, па веројатно се и помлади. Но, тие се и добри за проучување. Меурите се оддалечени, што значи дека е полесно за нас да ги видиме во нивната целина и поради тоа што се помлади, можат да ни помогнат да ја разбереме еволуцијата на ваквите објекти.

Па, астрономите ги погледнале и утврдиле дека има огромен акцелератор на честички.

Како што меурите се прошируваат во околната гасовита или меѓуѕвездена средина, тие генерираат ударни бранови, кои за возврат создаваат побркани магнетни полиња. Според истражувачкиот тим од Универзитетот во Мичиген, честичките отскокнуваат околу овие магнетни полиња, кога минуваат низ предниот дел, тие се забрзуваат. Не е можно овие честички да потекнуваат од галактичкиот центар бидејќи би загубиле многу енергија додека да стасаат до работ на меурот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука