Компанијата „Боинг“ призна дека грешката во нејзиниот софтвер МЦАС ги предизвика двете неодамнешни авионски несреќи на „боинг 737 макс 8“.
- Нам, во компанијата „Боинг“, ни е многу жал за изгубените животи во неодамнешните несреќи на авионите „737 макс 8“. Тие трагедии засекогаш ќе остават длабока трага во нашите срца и во нашите мисли. Изразуваме сочувство до семејствата на загинатите патници и екипаж - изјави Денис Маленбург, претседател и главен извршен директор на компанијата „Боинг“.
- Владата ќе ја извести јавноста за сите детали поврзани со овие две трагични несреќи во својот официјален извештај. Но, од прелиминарниот извештај на истрагата за падот на авионот на компанијата „Етиопијан ерлајнс“ стана јасно дека двете несреќи се предизвикани од софтверот „Maneuvering Characteristics Augmentation System“ (МЦАС) - додаде тој.
Маленбург посочи дека пилотите им објасниле оти системот МЦАС е ризичен за патување. Наша одговорност е да го елиминираме тој ризик. Тоа ви го должиме и знаеме како да го направиме, изјави директорот.
Етиопските власти вчера соопштија дека пилотите на компанијата „Етиопијан ерлајнс“ правилно ги следеле процедурите, кога нивниот авион „боинг 737 макс 8“ неколку пати понирал со носот надолу пред да се урне, на 10 март, при што загинаа 157 луѓе.
- Екипажот неколкупати ги извршил сите постапки, кои ги одредил производителот, но не можел да го контролира авионот - изјави министерката за транспорт Дагмавит Могес.
Откако го уочиле проблемот со автоматскиот систем за воспоставување рамнотежа, пилотите ги следеле препорачаните итни процедури и го исклучиле. Се обиделе рачно да воспостават рамнотежа, но било физички невозможно поради тоа што авионот брзо летал.
Извор: МИА