X
 05.04.2021 Наука

Модерната технологија откри причина за смрт на фараон

Мумија на фараон откриена во 1881 година до неодамна беше предмет на расправа кај научниците затоа што не можеа да ја утврдат точната причина за неговата смрт. Но, модерната технологија конечно ја реши мистеријата.

Станува збор за фараонот Секененре Тао Втори, кој кон средината на XVI век пред новата ера кратко владеел со Јужен Египет. Во периодот од 1560 до 1555 година пред новата ера, за време на неговото владеење, среден и горен Египет биле под палестинската династија на Хиксите.

Мумифицираните остатоци од фараонот првично биле откриени во 1881 година во рамките на некрополата во Теба и изгледале како на нив да нема никакви рани, додека на главата на фараонот имало знаци на тешки повреди, но точната причина за неговата смрт беше предмет на расправа.

Научниците првин се обиделе да ја утврдат причината со визуелни испитувања, а подоцна и со х-зраци, кон крајот на 60-тите години од минатиот век. Мумијата била во многу лоша состојба, што посочувало дека балсамирањето било извршено набрзина и не било во согласност со кралските протоколи за мумификација.

Благодарение на модерната технологија на скенирање на остатоците со компјутерска томографија, биле уочени претходно незабележани повреди, а научниците сега утврдиле дека на фараонот рацете му биле врзани на грб. Откриено е дека тој е церемонијално погубен откако бил заробен за време на битката со Хиксите.

- Тоа посочува дека тој навистина бил на првата линија на фронтот со неговите војници, ризикувајќи го својот живот за да го ослободи Египет - вели палеорадиологот Сахар Салем од египетскиот Универзитет во Каиро.

Истражувачите, исто така, утврдиле дека фараонот бил погубен од неколкумина напаѓачи бидејќи трагите од повредите на неговото тело покажуваат дека настанале од пет различни вида оружје.

Извор и фото: National geographic
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука