X
 05.05.2019 Живот

Ќе има ли кој да нѐ лекува, како да стигнете на работа кога ќе дојде папата... Што истражувавме неделава?

Ги прашавме матурантите по што ќе го паметат средното образование, пишувавме за поразителниот факт за заминувањето на лекарите од земјава. Како да стигнете на работа на 7 мај, кога папата Франциск ќе ја посети земјава? Ова се дел од темите на кои се фокусиравме минатата недела.



Достоинствена плата, нормални услови за работа со коректен меѓучовечки однос се најбитните услови за младите перспективни лекари да останат овде. Ќе има ли кој да нè лекува во иднина? Веројатно не ако докторите продолжат да си заминуваат од земјава со досегашното темпо, 170-180 годишно. Германија, Шведска, Словенија... остануваат главни дестинации во кои ќе си бараат место под сонцето и третман соодветен на трудот што го вложуваат за да научат да лекуваат и да спасуваат човечки животи.



За време на посетата на папата Франциск, на 6 и 7 мај, во Скопје ќе има посебни правила за движење на автомобилите и пешаците. Низ централното градско подрачје ќе може да поминете само со лична карта или пасош, некои улици и булевари ќе бидат затворени, а центарци нема да може да ги користат своите возила во зоната „Голем ринг“...
Како што информираа од координативното тело за организирање на посетата на папата, на територијата на Град Скопје и правецот од Меѓународниот аеродром - Скопје до центарот на градот ќе важат посебни сообраќајни правила за движење на автомобили, како и посебни правила за движење на пешаците низ центарот на Скопје.



Посветена, фанатична и перфекционистка во студирањето – со овие зборови може да ви доловиме каква студентка била проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд, професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје. Професионална и во соработката со нас, се наврати на своите студентски денови во Скопје, но и на деновите на магистерски и докторски студии, во рубриката „Кога бев студент“.

Правниот факултет ѝ бил природен избор, иако посакувала да стане и новинарка. Учела во некогашното „Борис Кидриќ“ (денешно „Васил Антевски-Дрен“), правна насока. Уште тогаш размислувала дали да студира меѓународни односи и политика, ама во тоа време немало такви студии и одењето во Белград или во Загреб било некако далечно. Кокетирала и со идејата за новинарство, а особено ја интересирале политичкото и военото новинарство.



Повеќе практична и интерактивна настава, професори кои нема само да го предадат материјалот и да испрашуваат, туку со учениците ќе водат суштински разговори, повеќе простор за уметничките души меѓу учениците, учебници по сите предмети, почисти тоалети... Ова се само дел од нештата кои на матурантите што ги анкетиравме им пречеле во текот на школувањето.

Мартин Весков, ученик во скопска гимназија, вели дека во текот на основното и средното образование му недостигала повеќе пракса.
- Кога би можел, би ставил повеќе пракса. Да не биде сѐ само теорија. Музичко учевме за многу дела, ама никогаш не ги слушнавме. Потребна е и поголема интеракција меѓу професорите и учениците, да не биде само професорот да зборува 40 минути, а учениците да слушаат - вели тој.


Алета фон Фитингхоф и Хајнц Херманс

На 14. Фестивал на новиот германски филм во Скопје гостуваат Хајнц Херманс, директор на „Интерфилм – Берлин“, еден од најголемите фестивали за кратки филмови во Европа, и Алета фон Фитингхоф, истакната монтажерка, и двајцата од Германија.
- Веќе 38 години го водам фестивалот на краткиот филм во Берлин. Тоа сигурно е и базата за другите фестивали. „Интерфилм“ почна како С8 филмски фестивал, во меѓувреме се квалификува за „Оскар“ и е еден од најголемите фестивали за кратки филмови. И филмскиот фестивал за поезија „Зебра“ е значаен чекор бидејќи ги спои поезијата и краткиот филм - вели Хајнц.


Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот