За да станете професионален виолинист, буквално од бебе треба да почнете да вежбате. Ние го немавме тој луксуз „да ни текне“ во средно, еј, ај ќе станеме музичари. Не, некои професии бараат да им го посветите целиот живот – вели Андријана Јаневска, која ни ги раскажа студентските денови во рубриката „Кога бев студент...“ на Факултети.мк и „Пивара Скопје“
Четири години земала стипендија за талентиран студент. Никогаш не паднала на испит. Дипломирала со просек 9,35, а дипломската ја одбранила со чиста 10-ка. Магистрирала со просек 10.
Нашата позната талентирана музичарка Андријана Јаневска е пример за успешен студент кој со голема страст и љубов ѝ се предал на својата идна професија.
Додека студирала имала многу настапи како пејачка и виолинистка, па често и преморена и ненаспана полагала испити. Нејзината челична волја и неизмерна љубов кон музиката ѝ биле водилки. Вели дека додека студирала на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), каде што сега е доцент, најважно ѝ било да се изгради во комплетен музичар затоа што сакала и да компонира, и да свири пијано, и да пее, и да се занимава со наука.
За малку ќе студирала во Холандија
Со оглед на тоа што претходно завршила нижо и средно музичко училиште на отсекот виолина, сѐ поизвесно било дека ќе продолжи на ФМУ, исто така на виолина. Но, Јаневска вели дека она што навистина многу го сакала било компонирањето. Во текот на средното образование одела на консултации кај професорите по композиција на ФМУ, Зографски и Коларовски. Истовремено ја почнала и кариерата на „Скопје фест 1998“, а нејзината композиција ја аранжирал Илија Пејовски. И тој ја пофалил како автор.
- Ме охрабри, а тоа многу ми значеше со оглед на тоа што во мојата фамилија сум прва што професионално се занимава со музика. Со други зборови, немав голема самодоверба, не бев сигурна дали сум добра. Во тој период (98/99 година) се појави интернетот, па веднаш отворив е-пошта и пратив писмо до неколку факултети по музика во Холандија. Тогаш ми беше сон да живеам таму. Од сите добив одговор да испратам мои композиции. Напишав две клавирски минијатури и ги испратив. Точно пред да ги поднесам документите за упис на ФМУ, на домашниот телефон се јави деканот на еден од факултетите во Холандија. Рече дека им се допаднале композициите и дека прелиминарно сум примена – раскажува таа.
Турнеја низ Австралија со колегите, посета на Зоолошката градина во Мелбурн
На радоста ѝ немало крај!
- Имав можност да го студирам она што најмногу го сакав и да живеам во земјата за која сонував. Тоа беше пресвртница во мојот живот. Но, сепак, по долги разговори со родителите, решив да останам овде и поднесов документи за упис на ФМУ на отсекот виолина – вели Јаневска.
Бидејќи средното училиште го завршила со просек 5,00 и имaла над десетина награди од државни натпревари по виолина, запишувањето не претставувало проблем.
- Се сеќавам дека претходниот ден пеев на „Будва фест“ и брзав да се вратам за да полагам. Програмата за приемниот беше тешка, но, сепак, тоа е нормално за тој отсек. Бев преморена и исцрпена од настапот и од патот, но веќе бев научена на тоа темпо со оглед на тоа што во текот на средното образование секој втор ден некаде настапував. Секојдневие ми беше да учам во автобус или во автомобил додека патувам. На самиот испит имав многу трема, но сѐ помина во ред и бев примена.
Професорите од ФМУ ме направија комплетен музичар
Андријана била примерна и редовна студентка. Единствено отсуствувала кога одела на турнеи. Но, сепак, тоа било во рамките на дозволените отсуства.
- Еден од омилените предмети ми беше Хармонија кај професорот Живоjин Глишиќ, кој важеше за најстрог, но најправичен професор. Кај него имав 10-ка и тоа за мене беше рамно на дипломирање. Најјака бев по предметот Солфеж, па професорот Благој Цанев уште во прва година ме испрати на државен натпревар на кој освоив 100 бода. Тоа значеше специјална прва награда во конкуренција на студенти од цела Македонија и од сите катедри – раскажува Јаневска.
„Скопје фест“, 2000 година, настап со „Твоето писмо моја библија“
Сите професори ѝ биле драги затоа што од сите научила многу. Вели дека им е благодарна што ја направиле комплетен музичар.
- Од предметите што не беа музички, омилени ми беа Филозофија кај професорот Денко Скаловски и Психологија кај професорот Благој Јанаков. Едноставно уживав на нивните часови! А професорите по виолина Зоран Димитровски и Љубиша Кировски се „виновни“ што вистински ја засакав виолината и во ниту еден момент не се покајав што се запишав на ФМУ.
Некои професии бараат да им го посветите целиот живот
Студирањето ќе го памети и по дружењето со колегите. Вели дека со сите на ФМУ се знаеле буквално откако знаеле за себе. Во тоа време сите студенти на ФМУ имале завршено нижо и средно музичко училиште.
- Всушност, бевме истите деца, оние што на 6-7 години ги учеа првите ноти и оние што беа колеги на факултет. Со повеќето од нив денес сме колеги и во МОБ, што би се рекло, цел живот се знаеме. Токму затоа, музичарите-класичари треба да бидат уште поценети! За повеќето професии (без да ги потценувам!) доволен е факултет од 4, 5, 6 години. Но, за да станете професионален виолинист, буквално од бебе треба да почнете да вежбате. Ние го немавме тој луксуз „да ни текне“ во средно, еј, ај ќе станеме музичари. Не, некои професии бараат да им го посветите целиот живот – вели Јаневска.
Апсолвентска фотографија
Таа почнала да студира на 1 октомври 2000 година, а дипломирала на 30 септември 2004 година. За дипломската, освен другите дела, го свирела и концертот за виолина и оркестар „Шкотска фантазија“ од Макс Брух.
- Тоа за мене беше огромен предизвик бидејќи дотогаш никој во Македонија го немаше свирено, и е многу тешко и комплексно дело. Со професорот Љубиша Кировски го работевме една година. На испитот воопшто немав трема, напротив, едвај чекав да дојде комисијата за да свирам. Секој што свири класична музика знае колку треба да се вежба. Таму нема импровизации. По толку години свирење, првпат се чувствував сигурно, отсвирив одлично и комисијата ме оцени со 10-ка – раскажува Јаневска.
Будва, еден ден пред полагањето на приемниот испит
Атина 2004 година
Потоа веднаш се запишала на постдипломски студии на методика на музичка настава (Катедра за музичка теорија и педагогија) каде што ментор ѝ била професорката Викторија Коларовска-Гмирја. Во тој период повеќе ѝ се посветила на науката.
- Учествував на неколку конференции со свои презентации од истражувањата. Магистрирав со просек 10.
Евентуалниот неуспех на студентот го сфаќам како лично мој
Јаневска не седеше со скрстени раце додека студираше. Напротив, во тој период беше многу активна на естрадата и вели дека буквално секој втор ден некаде настапувала. Во текот на студентскиот живот ги отпеа песните „Твоето писмо моја библија“, „Носталгија“, „Своја на своето“, „Име ти е адреса“ со Маријан Стојановски, „Ден по ден“ со Врчак...
Од фотосесијата на Владо Георгиев во 2002 година
- Бев растргната од настапи, но не дозволив тоа да влијае врз студирањето. Кога бев трета година на факултет, решив да пробам хонорарно да свирам во оркестарот на МОБ. Отидов на аудиција и ми дадоа шанса. Некако се пронајдов таму. Уживав во изведбите на Тоска, Боеми, Кармен, Травијата... Всушност, свирењето во МОБ ми даде можност одблиску да се запознам со партитурите на тие ремек-дела. Едно е кога го слушате делото, а сосема друго кога го свирите. Внатре сте во него, ги слушате сите делници што ги напишал композиторот. Тоа многу ми помогна во компонирањето и аранжирањето – вели таа.
Фото: Дарко Христов
Од таа 2002 година до денес останала да свири во МОБ, цели 16 години. Од 2007 година е редовно вработена како прва виолина.
Јаневска повторно му се врати на факултетот, но овој пат како доцент по предметите Соло пеење – популарни жанрови и Група наставни предмети од областа на популарните жанрови.
- Понекогаш кога ќе ја погледнам зградата оддалеку, се прашувам дали повеќе време имам поминато таму или дома. Точно 30 години секојдневно влегувам и излегувам низ истите врати. Таа зграда е мој втор дом. Сега секојдневно се среќавам со професорите што ми предавале и навистина се гордеам што сум дел од кадарот на оваа институција.
Јаневска ужива во работата со студентите. Вели дека се труди да го извлече најдоброто од нив и се надева дека успева во тоа.
- Лесно е да не дадете потпис или да го бутнете студентот на испит. Многу е потешко како наставник да го предизвикате да доаѓа редовно на предавања и да има знаење за да не дојде воопшто до ситуација да не земе потпис или да падне на испит! Евентуалниот неуспех на студентот јас го сфаќам како лично мој неуспех и затоа се трудам секогаш да најдеме решение за кој било проблем - завршува Јаневска.