X
 29.03.2019 Наша тема

Кога бев студент со Весна Петрушевска: Најубаво ми беше кога свиревме со Игор Маџиров на раштиманиот клавир на ФДУ

Со Тања Кочовска држевме диета и цел ден јадевме краставици, цвекло и пиевме вода. Тоа беше романтика и егзотика на нашето студентско живеење, вели првенката на Македонскиот народен театар во приказната „Кога бев студент“ што Факултети.мк и Пивара Скопје ја реализираат заедно

Отсекогаш сакав да бидам актерка. На 8-9 години се снимав како имитирам актери, спортски коментатори, познати фаци. И по 20-ина години кога ги најдов касетите, се зачудив колку тоа било добро направено. Кога дојде време за запишување, немав грам дилема дали да се запишам на Факултетот за драмски уметности, вели Весна Петрушевска, која 25 години е речиси постојано присутна на македонската театарска сцена и токму периодов го одбележува својот значаен јубилеј.



На сцена со Јордан Симонов

Се израдува дека може да се потсети на своите незаборавни студентски денови, кои ѝ биле исполнети со многу дружење, учење, разговори за теми поврзани со театарот. Петрушевска била гладна за знаење и особено посветена студентка. Испитите ги завршувала уште во јунската сесија. Завршила со просек 9,8 и до ден-денес е благодарна за сите лекции што ги научила од прекрасните луѓе што ги сретнала на факултет, но и понатаму на сцената на Македонскиот народен театар, каде што денеска е првенка.

Театарот – љубов од средно школо

Прво сакала да стане балерина, на шест години пoсакала да свири на виолина, но набрзо се премислила и почнала да учи клавир, како нејзината сестра. Учела во нижото музичко училиште. Желбата за театар ѝ се родила уште во средношколските денови.
- Во гимназијата „Јосип Броз“ се запишав на културолошка насока. Во тој клас учеше Катерина Колозова, а во тоа време нејзините родители Ѓорѓи и Шенка веќе беа мегапопуларни со народните приказни. Шенка играше повеќе во театар. Решивме да формираме театарска група. Имаше еден многу комплексен текст на Атанас Вангелов - „Неодредени“, не знам што си мислевме, ама тој го поставивме и според него си ја именувавме групата. Кате многу сакаше да биде режисерка. Мене ми ја даде улогата на ѓаволот. Тука се запознавме со системот на Станиславски, читавме многу книги во чиј избор многу ни помагаше и Шенка. И Колозов многу читаше. Ми велеше: „Весне, што ќе ти е глума? Мајмун ли да бидеш?“ Двајцата ме учеа дека треба да бидам дисциплинирана, да го говорaм убаво македонскиот јазик, убаво да читам. Тие ми велеа: „Малку ни е премногу од неписмени глумци“. Ми беше тоа чудно зашто не мислев дека глумците не читаат многу - вели актерката.



Од „Неодредени“ се изродила групата „Црв“, каде што играле и Александар Поповски и Иван Поповски. Во меѓувреме Весна веќе освоила многу југословенски награди со претставата „Модерна алхемија“ што ја режирал Сашо Стефановски. Иако биле многу активни со театарот, не го запоставила училиштето.
Петрушевска го памети приемниот испит на ФДУ како да бил вчера.
- Шенка ме посоветува на приемен да не одам со дело од Чехов оти бил досаден. Ми ја предложи Цвета од „Црна дупка“ на Горан Стефановски, текст кој се играше во МНТ. Ми рече да покажам енергија, иако текстот воопшто не ми лежеше. На приемен отидов заедно со Ацо Поповски, кој исто така сакаше да биде глумец. Прашав дали може да земам реквизит, а тоа беше Ацо. Ми дозволија – во прв ред седнати професорите Кирил Ристоски, Данчо Чеврески, Владимир Милчин, Владо Цветановски. Го говорев Бодлер, па следуваше музичка точка. Комисијата падна во несвест. Ацо не го примија, и супер што беше така оти му направија услуга, сега си е врвен режисер - се смее Весна и додава дека процесот меѓу двата круга на приемниот испит бил најубав кога работеле со професори по глума.


Со колегите од класата кај професорот Димитрие Османли

Се сеќава на анегдотата кога Милчин ѝ ја покажал таблата на која пишувало Факултет за драмски уметности и ја прашал: „Дали овде пишува Милион долари? Никогаш нема да ги заработиш! Оваа професија не е за пари, ами е привилегија“ – нема да ги заборавам зборовите на Милчин.

На факултет од утро до вечер

Весна подготвувала многу етиди. Од утро до вечер била активна на факултетот. Се погодила во класа на Кирил Ристоски и Владо Цветановски, за кои тоа било прва класа. Во неа биле: Јордан Симонов, Александар Микиќ, Изабела Новотни, Билјана Танеска, Валентина Дракаловиќ, Тони Михајловски и Никола Ристановски.
- Од не знам кои причини, Тони и Никола паднаа на важниот колоквиум по актерска игра и учеа само кратко со нас. Јас дури сакав да паднам за да учам со нив, тие имаа одлични етиди. Немав друг живот освен факултетот. Прва година буквално спиев на академија. Ги шекнував професорите со етидите. Од оваа временска дистанца сфаќам дека сум претерувала. Кире и Владе практично учеа заедно со нас. Со Владе соработував на игрите за фокус и концентрација. Се сеќавам дека тој ни донесе една книга „Театарски игри“, јас ги преведував и ги носев на час. Тоа беа многу театарски луѓе. Навистина беа многу напредни за своето време. Кире беше извонреден глумец, а многу скромен, воздржан, прекрасен, одмерен - вели Весна.

Дипломирала кај Рули

Во прва година од студиите најфасцинантен лик им бил Ѓорѓи Јолевски.
- Тој беше познат по тоа дека правеше бескрајно многу етиди. Ни го викнаа Јолевски да ни покаже како се прави нешто и се сеќавам до ден-денес на неговата виртуозност за игра со телото. Тој ни беше ѕвезда - се сеќава Весна.


Од претставата „Кројач за дами“ - МНТ (1996)

Таа признава дека многу од лекциите на професорите се сфаќаат подоцна, а не додека студирате. Со Кире и Владе биле во класа две години. Дошло време да станат професори и да водат свои класи. Студентите биле многу тажни.
- Нѐ известија дека Димитрие Османли-Рули ќе ни биде професор. Тој веќе беше во пензија, ама за нас го вратија. Тој беше најдобар режисер на комедии, мајстор за водвиљ и има изучено сјајни глумци. Зборуваше многу брзо, беше исклучителен шармер, точен, прецизен и со чудни зборови што само тој ги користеше. Си имав тетратка со неговите индикации. Неговите анегдоти и денес си ги прераскажуваме. Мене ме викаше Луда Мара, на што прво му се лутев. Тој многу сакаше да го градиме ликот на сцена. Не работеше многу на читачки проби - се сеќава Петрушевска.
Во трета година одлучиле да ја спремаат „Стјуардеси“ за отворање на „Скомрахи“. На Весна ѝ припаднала улогата на слугинката, која е „мотор“ во приказната, ама е многу досадна.
- Од Рули научив кои се точните места на кои можеме да ја насмееме публиката. Ми велеше дека сум родена комичарка и ми се закануваше дека не смеам да се насмеам приватно додека играм на сцена. Во тие денови, додека ние седевме на факултет, многу се дружевме со поголемите, Тања Кочовска, Драган Спасов-Дац, Ѓорѓи Јолевски. До Драмски имаше еден супермаркет „Славија“. Со Тања држевме диета и цел ден јадевме краставици, цвекло и пиевме вода. Тоа беше романтика и егзотика на нашето студентско живеење - се смее Весна и признава дека бифеата не ѝ биле омилено место за трошење време.




Ја играла Бланш Дибуа

Во трета година како асистентка им дошла Синоличка Трпкова, тогаш веќе мегапопуларна актерка. Весна признава дека биле одушевени што ќе работат со неа.
- Во четврта ја работевме „Трамвајот наречен желба“ и јас бев Бланш Дибуа во две постави. Нонстоп имав проби. И Рули ќе се појавеше и ќе речеше: „Луда Мара, до кај сте?“ За дипломската имавме премиера во Театар Центар, дојдоа сите, цела академија - се потсетува Весна, која дипломирала во 1992 година, а веќе наредната година станала дел од ансамблот на МНТ.
Таа ги сакала и предметите што не биле стручни – филозофија, психологија. Го памети професорот по филозофија, Димитар Димитров.
- Имав напишано есеј на тема Кјеркегор и професорот ме праша дали свирам на виолина? Мислел дека сум од Музичка академија, дека тие читале, а ние од ФДУ - не. Се сеќавам дека отидов на испит, професорот не ме ни испраша и ми напиша десетка - вели Петрушевска.

Таа нема да го заборави ниту предметот музичко, ама не по добро. Вели дека многу ги „малтретирал“ проф. Благој Цанев оти им барал да знаат многу теорија. Многу ги сакала, пак, часовите по психологија кај проф. Миодраг Мицев, оти многу учеле од конкретни случаи и пациенти со различни дијагнози, нешто што многу им помагало во креирањето актерски лик.

Горан Стефановски носеше богатство

Весна е многу среќна што Горан Стефановски им предавал светска драматургија. Ги обожавала разговорите со него на многу теми поврзани со театарот.
- Уште на првиот час влезе и ни рече: „Шекспир е лопов“. Од професор тој ми стана пријател. Тој човек носеше цело богатство со себе. Еднаш Југословенско драмско позориште играше претстава на Унко, знам беше некое дело од Шекспир. Во претставата играа Жарко Лаушевиќ, Мира Фурлан. По претставата Горан ни рече: „Да дојдете, да се запознаете со глумците, да направите муабет. Како инаку ќе размените искуства?“ А нам ни беше незгодно, да не им пречиме. Така го запознав Жарко - се потсетува Весна.
Била одушевена од големиот актер Ненад Стојановски, од кого научила што значи голем актер и голем човек. Немала среќа да игра на сцена со легендарниот актер, но тој продуцирал две претстави во кои таа играла.



Колега кој нема никогаш да го заборави е прерано починатиот Игор Маџиров. Со Весна биле кратко во иста класа, но тој набрзо отишол во војска, па продолжил во класата на Тони и Никола.
- На ФДУ имаше еден раштиман клавир и на паузите крадевме време и со Игор си свиревме и пеевме. Тоа ми беа најубавите денови на факултет. Игор беше виртуоз, седнуваше и буквално го „јадеше“ клавирот. Беше многу забавен, таков лик повторно не сретнав во мојот живот. Многу се смеевме, ептен бевме другари. Сите знаеја кај да нѐ најдат. Подоцна игравме во една детска претстава заедно во Салон 19,19. Тој беше навистина голем и посветен уметник, во него не се криеше само Могли. Тој можеше да игра буквално сѐ. Навистина ми е многу жал што не стигна да одигра сѐ во животот – тагува Весна.

Со Игор Џамбазов се запознале на нејзината прва професионална претстава „Лице и опачина“.
- Седевме во ходник и ме праша зошто не влегувам во бифето, а јас сакав да си повторам текст пред настап. Тој ми дофрли: „Никогаш нема да бидеш глумица ако не одиш во бифе!“ Од првиот момент кликнавме. Како брат ми е. Од него научив дека мора да се посветам на професијата. Освен што се дружевме, многу разговаравме за текстови, гледавме многу филмови, цел тој актерски занает, систем, метод го поминувавме заедно - вели Весна.



Весна Петрушевска (фото: Ани и Дими)

Од секого нешто научила

Играла со сите поголеми глумци во МНТ. Од Мими Танеска научила колку е важна дисциплината на и зад сцена. Од Мери Бошкова дека не е толку страшно да бидеш дива за момент во ходник. Од Џувалековски - колку е важен говорот на сцена, од Душко Костовски - колку е сѐ минливо и дека треба да се сакаш себеси.
Весна признава дека студентските денови ѝ поминале во многу учење, спиење на ФДУ, во исклучителна скромност.
- Некако бев спремна дека не секогаш талентот игра главна улога. Бев подготвена дека во оваа професија треба да имаш и среќа. Треба да имаш ѕвезда. На почетокот кога си млад, мислиш дека ќе ги одиграш сите Дездемони, Јулии, кога ќе сфатиш дека не си роден за тие ролји и дека има други што се предодредени за нив. И кога ќе си го фатиш патот на твојот карактер, тогаш можеш да успееш во оваа професија. Тоа го сфатив уште кога бев студентка - завршува Весна и посочува дека отсекогаш знаела да се радува на туѓиот успех.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема