Со просек 9,24 на ФДУ бил прогласен за еден од десетте најдобри студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Завршив во гимназијата „Георги Димитров“ во 1981 година. Бев втора генерација средношколци што по тогашните закони мораа да одат во војска. Во јуни истата година полагав приемен испит и бев примен во класата на професорот Вукан Диневски, заедно со уште 14 млади, исплашени момчиња и девојки чиј заеднички сон беше да станат актери. Тогаш започна најубавиот период во мојот живот – вака ја отвораме студентската приказна на актерот Игор Џамбазов.
Низ фотографии и спомени, Факултети.мк во соработка со
„Пивара Скопје“ ќе ве поведе во времето кога Џамбазов ги правел своите први професионални чекори на театарските штици.
Џамбазов е актер кој во изминатите три децении повремено се дистанцираше од театарските сцени, ама секогаш им се враќаше. Во моментов е дел од ансамблот на Македонскиот народен театар.
Во „Брачна игра“ заедно со Весна Петрушевска
Фото: МНТ
Игор ги имаше сите предиспозиции да стане човек, но тој избра да стане актер – ова се зборови на актерот Славко Нинов на промоција на книга на Џамбазов. Неговите читатели ќе можат да бидат сведоци и на неговата поезија, фино спакувана во изданието „Улица Диши длабоко“ во издание на „Три“, а ќе биде промовирана утревечер во 19 часот во ресторанот „Вип база“ во „Американ колеџ“.
Потекнувајќи од уметничко семејство, незаборавните актери - мајка му Анче Џамбазова, дедо му Петре Прличко и татко му, композиторот Александар Џамбазов, Игор немал никаква дилема дали да се запише на Факултетот за драмски уметности, но не и неговите родители.
- Мајка ми сметаше дека таа професија во тоа време не беше ценета како што треба и постојано ми велеше дека многу подобар живот ќе си проживеам ако запишам нешто сосемa друго. Но, јас бев решен дека ќе бидам актер по секоја цена и тоа уште од времето на „Волшебното самарче“ – вели Џамбазов.
Признава дека морал многу да се докажува баш поради неговото потекло.
- Не затоа што така требаше, туку затоа што јас сакав така. И уште во првата година на Aкадемијата сфатив дека ќе треба многу, многу да се потрудам за да не ми се случи да ја изневерам мајка ми Анче, а особено дедо ми Петре. Секогаш кога бев во некоја криза, а такви имав повеќе на самиот почеток, помислував на нив и тоа ми даваше некоја чудна, невидлива инјекција што ме тераше да продолжам понатаму.
Признава дека многу сакал да студира психологија, но за тоа немало услови поради преголемите ангажмани на ФДУ.
- Тоа страшно ме интересираше. Меѓутоа, за тоа навистина немаше услови. Студирањето на ФДУ беше многу напорно. Од утро до мрак имавме часови, вежби, предавања и тоа едноставно не беше можно. Сепак, бескрајно се израдував кога во третата и во четвртата година имавме предмет што се викаше Театарска психологија, а кој ни го предаваше еден од најголемите стручњаци за таа тема во тоа време, сега покојниот Миодраг Мицев. И токму тие четири семестри со тој предмет подоцна многу ми помогнаа кога ги подготвував и играв некои познати, но комплицирани ликови од светската драматургија – објаснува актерот.
Фото: МНТ
Игор имал комплетна поддршка од својот професор Диневски, со кого и претходно имал играно во неколку телевизиски серии и драми. Џамбазов го опишува како „мошне строг, но коректен човек и вистински педагог“.
- Студирањето на ФДУ се разликуваше од сите други факултети. Односот со тогашните професори беше и повеќе од другарски. И со нив бевме секојдневно. Практично таму бевме по цели денови. Таму ги учевме текстовите за часовите по актерска игра и сценски говор и ја користевме секоја можна пауза за да можеме да ја користиме сцената за проби. Многу се дружевме. Преспивавме едни кај други, одевме на гости, подготвувавме испити, си помагавме во неволја...
Морам да признаам дека бев многу близок со Марија Кондовска, со Александар Малинков од Кавадарци, но најмногу, секако, со Бранко Ѓорчев, со кого подоцна, поточно на 15 јануари 1987 година, нѐ примија во Драмски театар, а ние двајца ќе полетавме од среќа – се потсетува Игор.
Признава дека имал ужасна трема пред испитите.
- Тоа се оние моменти кога ќе сфатиш дека си далеку од добар и дека ќе треба многу пот за да можеш да ги исполниш критериумите на нашите професори, кои во тоа време беа навистина високи. Се случуваше понекогаш да бидам многу блиску до откажување, а понекогаш едноставно да не знам да го направам како што треба тоа што го бараа од мене. Истите проблеми и пречки ги имаше и Бранко (и двајцата бевме синови на добри актери), кој во такви пригоди секогаш ја кажуваше неговата позната изрека: „Сега знам дека ништо не знам“ – вели тој и признава дека брзо сфатил дека оценките на неговиот факултет и не се толку важни.
Но, и покрај тоа, Игор завршил со просек 9,24 и бил прогласен за еден од десетте најдобри студенти на четврта година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Глумата е занает. Треба да се учи, но најважно од сѐ е само едно - дали те бива или не, тврди Џамбазов.
- Дедо ми Прличко велеше: „За да бидеш добар актер, треба да имаш во главата, во срцето и во мадињата“. Професионализмот што како вирус ни го пренесе нашиот професор ми остана до ден-денешен. И сѐ уште пристигнувам на претставите час и половина пред нивниот почеток, а пробите наутро не ми претставуваат проблем затоа што часовите по глума во нашата класа почнуваа во 8 часот наутро!
Игор признава дека со колегите си биле многу големи критичари меѓу себе и суетата не била дозволена во нивната дружба, „иако таа треба да ја има секоја актер“.
- Суетата е дополнителен мотив. Лошите критики - исто така. Најопасни се оние што ние ги викавме „тапшачи по рамо“. Кога си очаен на сцена - ти вели дека си генијален. Кога брилираш - ти вели дека си просечен.
Играњето многу претстави во Драмски („Грев или шприцер“, „Чија си“, „Женски оркестар“...) му било вистинската актерска школа.
- Да не ми се налути некој, ама сѐ што научив за оваа професија научив во Драмскиот театар. На Академијата се учи теорија, а во театарот - пракса. А јас, четири години за време на студирањето, по часовите одев таму и отстрана ги гледав сите претстави. Некои и по стотина пати и уживав во тоа. И денес уживам, ама не кога гледам, туку кога играм – споделува Џамбазов.
Насловна фотографија: МНТ