Претходни истражувања посочуваа дека кафето придонесува за стеснување на артериите, вршејќи притисок врз срцето и зголемувајќи го ризикот од срцев или мозочен удар, и предупредуваа дека луѓето треба да го намалат консумирањето на оваа топла напивка.
Но извршено е ново истражување на 8.412 луѓе низ Велика Британија. Во истражувањето луѓето биле поделени на три групи - во првата се наоѓале луѓе што рекле дека пијат помалку од една шолја кафе дневно; втората била составена од луѓе што пиеле помеѓу 1 и 3 шолји кафе на ден, а во третата биле вклучени луѓе што пиеле повеќе од 3, а некои од нив и до 25 шолји кафе на ден. Луѓето што консумирале повеќе од 25 кафиња на ден биле исклучени. Истражувањето откри дека пиењето 5 шолји кафе на ден, па дури и до 25 шолји кафе не е поштетно за артериите од пиењето една шолја кафе на ден.
Истражувањето било спроведено од експертите од лондонскиот Универзитет „Квин Мери“, а било финансирано од британската фондација за срце.
- И покрај огромната популарност на кафето низ светот, различни извештаи ги наведуваа луѓето да се откажат од ова задоволство. Нашите истражувања покажуваат дека кафето не е штетно за артериите, како што претходно беше посочено - вели д-р Кенет Фунг.
- Главната порака за луѓето од истражувањето е дека кафето може да е дел од здрав животен стил. Не им велиме на луѓето да пијат 25 шолји кафе на ден. Ако пиете во рамките на препораката, тогаш не очекуваме да видиме зголемување на артериската вкочанетост во споредба со оние што пијат една или помалку од една шолја
кафе дневно - додава тој.