Пред некое време Марк Закерберг на „Фејсбук“ објави фотографија на која зад него беше прикажан и неговиот лаптоп. Корисниците на интернет за брзо време забележале дека Закерберг има ставено лепило преку камерата и микрофонот на лаптопот за да се заштити. Но дали тоа е мудар потег или претерување на работ на параноја?
Генерално кажано, причина за загриженост постои. Лепењето на микрофонот можеби нема многу смисла, но камерата на лаптопот може да им послужи на хакерите за многу незгодни работи.
Сѐ почести се случаите во кои хакерите успеале да преземат надзор над компјутерот и да ги хакираат камерата и микрофонот за да ја шпионираат жртвата која не е ни свесна што ѝ се случува. Се случувало и жртвата да е уценета со снимки од спалната соба.
Прашањето е колку сте интересна мета и зошто. Поранешниот шеф на американската агенција ФБИ, Џејмс Комеј, Марк Закербег или некоја позната ѕвезда сигурно се интересни и потенцијални жртви отколку поголемиот дел од нас, па може да се претпостави дека хакерите повеќе ќе се потрудат да ја нарушат нивната интима отколку нашата.
Но, од друга страна, никогаш не знаете кому би можеле да сте интересни и зошто. Затоа, секогаш бидете внимателни. На мета можат да се најдат компјутери со оперативни системи „Виндоус“ и „Мек“, но можат да се случат напади кај послабо заштитени системи, како надзорни камери, бебифони и слично.
Што можете да направите за да се заштитите и на хакерите да им ја отежнете работата?
Наједноставниот начин веќе го знаете: покријте ја камерата.
ТУКА постојат повеќе апликации што можат да ви помогнат да забележите нешто сомнително.
Ако не користите лаптоп, затворете го. Особено ако планирате да се соблечете во истата просторија или да се занимавате со работи што не треба да ги гледаат луѓето. Редовно надградувајте го софтверот, особено веб-пребарувачите и антивирусните апликации и проверувајте дали некаде сте собрале малвер, вирус и слично.
Вклучете „фајрвал“ и не исклучувајте го. И за крај, избегнувајте да кликате линкови во пораките ако ви се чинат
сомнителни, дури и ако го знаете испраќачот.