X
 08.11.2018 Технологија

Целосен надзор: Кинезите можат да ги препознаат луѓето по одењето

Еден од начините на кои може да се измамат надзорните камери што ја идентификуваат личноста е кога луѓето ќе си го покријат лицето, така што компјутерот не може да знае за која личност станува збор. Но, во Кина повеќе ни со покривање на лицето жителите не можат да им побегнат на надзорните камери бидејќи почна да се применува технологија со која се препознаваат и начинот на движење и формата на телото на луѓето.

Софтверот заснован на голема база податоци и вештачка интелигенција го користи полицијата на улиците во Пекинг и во Шангај и може да ги препознае луѓето на оддалеченост до 50 метри, дури и кога се свртени со грбот, што е голема предност во споредба со технологијата на препознавање лице.

За препознавање на луѓето не е потребна никаква соработка меѓу полицијата и луѓето што сака да ги препознае и софтверот не може да се измами со промена на начинот на одење.

- Системот го анализира целото тело и неговите способности, а не само одредена специфичност во движењето - вели Хуанг Јонгзен, извршен директор на компанијата „Ватрикс“, која ја развила оваа технологија.

Технологијата не ја истражуваат, односно не ја развиваат само Кинезите, туку со години на неа работат научници од САД, Велика Британија и од Јапонија. Софтверот ја издвојува силуетата на личноста од видеозапис, ги анализира нејзиниот изглед и движењата и создава модел од начинот на кој оди личноста.

Во Кина, каде што приватноста и не е најважна работа во светот и ситуацијата со заштитата на личните податоци е различна од Европа и од САД, полицијата развива национален систем на надзорни камери што ќе следат сѐ што се случува низ градовите. Користењето биометрија и препознавањето лица се едни од начините за одржување општествена стабилност и управување со општеството и станува збор за еден тренд што не запира во оваа земја.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија