X
 15.05.2020 Здравје

Професорката Милошева од Факултетот за медицински науки при УГД зборува за пандемијата и менталното здравје

Проф. д-р Ленче Милошева е клинички психолог, национално стручно лице за контакт за ментално здравје со Светската здравствена организација и професор на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Таа се осврна на моменталната состојба, односно пандемијата на коронавирусот и менталното здравје.

Вие сте клинички психолог, универзитетски професор со научна експертиза. Кое е Вашето мислење за ситуацијата во која се наоѓаме, како психолошки би ја објасниле?

- Состојбата во која се наоѓаме не е наш избор, на моите предавања со студентите никогаш не претпоставуваме дека вакво нешто е возможно. Но, зборувавме за негативните нездрави емоции, за стресот, анксиозноста и паниката и како да се справиме со нив. Во вакви ненадејни ситуации на страв и паника нашата свест реагира побавно, креирајќи поинаква реалност. Можеме да се поместуваме од страв во паника или, пак, можеме да бидеме во негација која служи како одбрана пред реалноста која претставува опасност. Токму затоа се случува да реагираме преку границата или да не реагираме воопшто.


Симпатичкиот нервен систем сега е стимулиран бидејќи сме под влијание на стравот или анксиозноста. Активацијата на овој дел од нервниот систем ги троши телесните резерви на енергија бидејќи го подготвува организмот за зголемена работа и за опасност.

Ваквиот систем се стимулира и во состојба на емоционални промени кога реалната опасност сѐ уште не постои, но емоционалните сигнали на страв и паника му испраќаат уверлива информација на нервниот систем дека телото е во опасност. Во напливот на секакви информации и дезинформации за Ковид-19 настанува проблем, бидејќи телото почнува да ги троши телесните резерви и на некој начин почнува да преживува додека опасноста и ја нема. Се наоѓаме во една тешка ситуација во која опасноста е тука, а не ја гледаме. Не сме загрозени, но како да сме. Оние луѓе што се реално загрозени преживуваат реален страв, а оние пак што не се го делат истиот страв. Во ова време на сите ни е тешко бидејќи знаеме дека опасноста е потенцијално овде, што пак ја зголемува анксиозноста и преминува во паника. Телото ни е потребно како никогаш досега, но и разумот и трпеливоста се сега нашето вредно оружје. Потребно е физички да се изолираме и дистанцираме, но да се свртиме кон себе. Значи, стравот и анксиозноста, а во врска со тоа и нашето однесување, често не се одраз на вистинскиот ризик втемелен на епидемиолошките податоци, туку одраз на нашето лично доживување и значењето кое лично го придаваме на ризикот и опасноста.

Потребно е да се смириме себеси за да ги смириме и другите околу нас, да го негуваме мирот во немирот.

Како ја изведувате наставата, дали постои прекин, имате ли контакт со студентите?

- Мојата професија и природата на предметите што ги предавам бараат висока интерактивност, соработка, но и доверба. Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, како и сите други факултети на Универзитетот, од основањето имаат имплементирано електронски образовни платформи. Тоа е добро бидејќи во оваа ситуација е потребно да се адаптираме и да им овозможиме непрекината настава на студентите. Најчесто користена со години со моите студенти е Мoodle платформата. Моето прво искуство со предавања онлајн пред многу години (секако во комбинација со настава во живо) беше во Америка, на Државниот универзитет во Батон Руж, Луизијана, каде што работев и престојував како визитинг професор. Сметам дека сѐ додека и професорот и студентите на технологијата и алатките гледаат како на „добри слуги, а лоши господари, нема опасност од губење на квалитетот во наставата. Периодот кога започнаа мерките за изолација со студентите го искористивме за вежби, гледање одредени филмови со психолошка тематика, поврзана со содржините кои ги предавам. Исто така студентите пишуваат есеи врз основа на тие филмови кои ќе ги дискутираме на форумите онлајн. Сега продолжуваме со предавањата со образовната платформа Microsoft teams, која е многу интуитивна и едноставна. Секогаш сум за квалитет во наставата и секогаш сум била против импровизација. Но, сметам дека во овој период искусните професори можат многу да помогнат во поддршката на студентите при совладување на содржините. Друг важен момент е што постојано споделувам препораки од Министерство за здравство и СЗО за заштита од Ковид-19 со моите студенти и практични совети, од типот на пример, како да се справат со анксиозноста, со стресот, „план за добросостојба во овој период“ итн. Професорите треба да ги поттикнуваат студентите да останат во контакт со своите блиски, со колегите, пријателите, професорите (електронски, по телефон). За студентите е важно да имаат чувство на припадност во група, прифаќање и поддршка.


Ме радува што студентите на Факултетот за медицински науки ја препознаа важноста на менталното здравје и веќе имаме испланирано сет на активности по завршувањето на пандемијата. Во Националната стратегија за ментално здравје за 2018-2025, во чија изработка учествував во улога на национален стручен соработник на СЗО за ментално здравје предложив и беше прифатено отворање на Центар за ментално здравје во рамки на новата Клиничка болница во Штип. На студентите им е неопходно Психолошко советувалиште за студенти, кое се надевам ќе биде составен дел од овој Центар.

Кои се психолошките аспекти на изолацијата/самоизолацијата?

- Луѓето имаат различен „мајндсет“ на преживување, користат различни одбранбени механизми. За просечниот модерен човек, кој е постојано во брзање и го живее животот на автопилот и се затрупува со различни содржини, самоизолацијата или останувањето дома може да предизвика непријатни емоции, дури и паника. Малку луѓе умеат да се разбудат наутро и да уживаат сами со себе во тишината, мирно да го започнат денот. Некому помислата да остане сам со себе подолго време може да му биде неподнослива. Човекот е социјално суштество, изолацијата и ограниченоста на движењето се непријатни човечки искуства. Да не ги заборавиме вулнерабилните групи: лица со ментални заболувања; деца; стари и изнемоштени лица кои живеат сами; некои ќе останат со насилниот партнер или родител итн. Некои во искуството ќе имаат анксиозност, некои депресивност, некои суицидални или опсесивни мисли. Но, дали само/изолацијата е секогаш оптоварена и проследена со негативни и нездрави емоции?


Многу психички промени подразбираат личноста успешно да го помине и надрасне времето на осамување и силното искуство на соочување сам со себе и секако најпосле и да ги прифати своите човечки слабости. При таа средба со себе, некои ќе се сретнат со најдлабоки егзистенцијални стравови и овие искуства нема да им бидат воопшто лесни. Прифаќањето на сите свои доживувања, било да се тие позитивни или негативни, претставуваат услов не само за личен раст, туку и за промена на јадровните уверувања, базичната животна филозофија.

Ова време/невреме е всушност тест за сите нас колку е развиена нашата свесност, но и брз курс за сите оние луѓе кај кои не е.

Би било погрешно да очекуваме дека периодот што следи е период на целосна изолација и пристап до саканите и значајни луѓе, како и значајните содржини. Напротив, имаме можност да се осознаеме себе, да имаме време да разговараме повеќе со себе и да се запознаеме подобро. Да не се плашиме од тоа искуство, тоа не е мрачен тунел внатре во нас, некоја бездна која чека да нѐ проголта. Истражувањата и психотерапевтските искуства ни покажуваат дека исходот на запознавање на самите себе е секогаш вреден за трудот што се вложува.

Кои се Вашите препораки за справување со оваа ситуација од психолошки аспект?

- Како клинички психолози и психотерапевти, приоритет ни е да ги користиме психолошките знаења за да обезбедиме коректна комуникација за вирусот и состојбата, базирана на релевантни извори (Влада на РС Македонија, Министерство за здравство и СЗО), со крајна цел да дадеме поддршка и да се избегне непотребната анксиозност.

Не би ги преповторувала препораките кои ги споделував во изминатиот период на е-платформата за учење со моите студенти или на мојот личен ФБ профил.

Како психотерапевт со когнитивно бихевиорална ориентација (Рационално, емотивно и когнитивно-бихевиорална терапија) ќе наведам еден нов, многу метафоричен пример на техника од најновиот трет бран на КБТ терапии, терапија на посветеност и прифаќање.

„Кога ќе наиде голема бура, бродовите кои се веќе во пристаништето го спуштаат сидрото, бидејќи доколку тоа не го направат- ќе бидат одвлечени на море. Секако, спуштањето на сидрото само по себе не прави бурата да престане (сидрото не го контролира времето), но може да направи бродот да остане стабилен во пристаништето, додека бурата не помине и додека сѐ не се заврши во свое време.

Слично на ова, во тековната криза, сите ќе искусиме „емоционални бури“; мисли кои ни се вртат во глава а не ни се од корист, болни емоции кои се измешани во нашето тело, и доколку дозволиме таа бура во нас да нѐ однесе нема да бидеме во можност да направиме било што ефективно (Russ Harris 2020).“

Препораки:

1. Она што е важно е да се фокусирате на она што е во Ваша контрола.

2. Да ги набљудувате и бидете свесни за Вашите емоции и сеќавања, сензации и да остварите поврзаност со Вашето тело.

3. Посветеност на она што го работите (структура на време во текот на денот).

4. Посветеност кон акција (кои се добрите дела за поддршка и грижа кои можете да ги направите)?

5. Отворете се (направете место, простор за тешки и непријатни емоции и бидете грижливи кон себеси).

6. Нека вредностите бидат тие кои ги водат и мотивираат Вашите активности.

7. Користете релевантни ресурси за информации. Веб-сајтот World Health Organisation; WHO е водечки ресурс за вакви информации: https://www.who.int/emergencies/diseases/novelcoronavirus-2019; https://www.who.int/; Мерки и препораки за заштита и превенција од коронавирус (https://vlada.mk/covid19);

Министерство за здравство (http://zdravstvo.gov.mk/korona-virus/) и следете ги нивните препораки.

Од психолошки аспект, што ќе биде по завршувањето на пандемијата?

- Не можеме да контролираме што ќе се случи во иднината. Не можеме да го контролираме КОВИД-19, светската економија или официјалните мерки на постапување во криза. Не можеме магично да ги контролираме нашите емоции, елиминирајќи сосема природни емоции како страв и анксиозност. Но, она што можеме да го контролираме се постапките кои ги преземаме - овде и сега. Тоа е она што е важно. Она што себеси треба да си го поставиме како задача кога ќе заврши пандемијата и оваа ситуација е да се преиспитаме каде толку брзавме пред сето ова да се случи? Каков ни е квалитетот на живот? Дали вредеа сите домени на кои им бевме претерано посветени? Дали би било подобро за нас и би нѐ направило посреќни да ги замениме со повеќе емпатија, љубезност, човечност?


Сметам, така ги учам и моите студенти, дека во ова време-невреме бројот на најдрагите ги сведуваме на минимум, но го зголемуваме времето на отворен простор да бидеме искрени со себе и кон други. Единствена смисла на живеењето во ова време е ако сме емпатични и вистински поврзани со себе, со другите луѓе, со природата. Токму вистински час е да си ги преиспитаме досегашните уверувања и вредности, бидејќи овој свет ќе постои и без нас. Додека сме тука, ајде да го направиме поубаво, посигурно и поемпатично место за живеење.

Верувам во капацитетот што го има Владата на Република Северна Македонија, посебно раководниот тим во Министерството за здравство, верувам во сите посветени луѓе, професионалци кои се за нас во првите борбени редови. Длабока почит кон нив, да ги почитуваме препораките и да се заштитиме себеси, но и нив. Тоа е најмалку што можеме да го направиме за нашите херои!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје