X
 16.07.2020 Живот

Еден доктор на Филипините се бори против Ковид-19 со помош на „озборувачка бригада“

45-годишниот Франциско Фернандез починал откако паднал од мотор. Овој човек, кој потекнува од Бамбанг, на Филипините, бил сакан во неговата заедница. Но, поради работата на јавно место и поради точка што лекарите ја нашле во неговите бели дробови, се сметал за можен носител на Ковид-19. Еден лекар наредил брз погреб, што е против филипинската традиција. Сите луѓе што живееле со него биле ставени во 14-дневен карантин.

Но, кога лекарот Ентони Кортез пристигнал да го провери семејството Фернандез, никој од нив не изразил незадоволство. Наместо тоа, на нивните лица се појавила огромна насмевка, а децата му мавтале.

- Мило ни е што повторно ве гледаме - му рече Ненита Фернандез, сестра на Франциско, на докторот.

Кортез, единствениот лекар во заедницата Бамбанг, со години е нивен доктор. Тие му веруваат.

За 56.000 луѓе што живеат во Бамбанг, 320 километри северно од главниот град Манила, Кортез е нивниот лекар. Тој веќе 21 година ја води локалната единица за рурално здравство, една од државните медицински клиники финансирани од владата на Филипини која обезбедува бесплатна основна здравствена заштита. Кортез и уште 40 медицински сестри и акушерки што работат со него се грижат за сите жители на оваа заедница.

- Не сме само лекари. Ние сме и клиничари, менаџери, администратори - вели Кортез.

Кога на 30 јануари беше потврден првиот случај на коронавирус на Филипините, одговорот на градот падна на Кортез. Тој, заедно со градоначалникот Пепито Балгос, кој и самиот е доктор, одлучиле да спроведат мерки засновани на наука, кои доколку е потребно, ќе ги надминат националните ограничувања. И додека Светската здравствена организација објавуваше дека случаите растат на Филипините повеќе од која било друга земја во Западниот Пацифик, вклучувајќи ја и Кина, Бамбанг досега нема пријавено ниту еден случај.

Кортез и Балгос се свесни за заканата што ја претставува вирусот за Бамбанг. Панфилипинскиот автопат поминува низ градот, кој се наоѓа во долината опкружена со планини. Секој што оди на југ кон Манила или на север кон остатокот од земјата поминува низ Бамбанг.

доктор
Фото: Facebook

Кортез брзо постави систем на следење на контактите. Како и повеќето филипински градови, Бамбанг е поделен на села или баранџи со кои раководат началници. Користејќи ги информациите од 25. села, тој направи список со сите луѓе што патувале во други земји, особено во Кина, од декември, и ги постави под строг домашен карантин. Тој исто така работеше под претпоставка дека секое ново пристигнување било асимптоматско - заразено, но без симптоми - и сите ги ставаше во 14-дневен карантин без оглед на изложеноста или историјата на патувања. Секој со симптоми требало да биде преместен во изолационен центар поставен во планините. Досега тој центар остана празен.

- Побезбедно е да се претпостави дека сите се позитивни - објаснува тој.

За да се следат новите пристигнувања и жителите што се враќаат, Кортез се потпира на една предност што ја имаат малите градови: озборувањето. Селските началници ги замолиле луѓето што се познати по озборувањето да ги следат соседите, обично повозрасни жени, да водат сметка за новите пристигнувања во селото. Шефот потоа му ја пренесува веста на докторот, кој испраќа медицински сестри. Членовите на оваа неофицијална „озборувачка бригада“ се желни да ја понудат својата помош.

Кортез ги објасни своите строги тактики: изолацијата се покажа ефикасна со текот на времето и треба да ја користиме сега затоа што нема лек, нема вакцина и тестирањето е ограничено и бавно. Единствениот начин да се контролира вирусот е да се изолираат луѓето што доаѓаат во градот.

Секако, постоеше одреден отпор. Кога Кортез и медицинските сестри секојдневно ги посетуваа оние што се во карантин, некои луѓе ги проколнуваа или одбиваа да соработуваат. Други се обидуваа да го разубедат Кортез дека не треба да се во карантин. Но, кога се појави веста дека луѓето умираат во земји со подобра здравствена заштита отколку Филипините, како што се Италија и САД, повеќето луѓе почнаа сериозно да го сфаќаат вирусот.

Националната влада првично го минимизира вирусот, но на 17 март воведе карантини по регион. До 1 мај имаше засилен карантин во заедницата: патувањето беше ограничено; сите, само основните бизниси, беа затворени, јавниот превоз беше затворен, и сите мораа да останат дома, освен ако треба да одат да купат храна или имаат потреба од некаква медицинска нега.

Сега луѓето се под генерален карантин кој е помалку рестриктивен, но сепак сериозен. Луѓето над 59 години и под 20 години мораат да останат дома, само една личност од домаќинството смее да пазари, и сите мораат да носат маски или да платат парична казна доколку не сакаат да носат.

Гратчето Бамбанг продолжува со порестриктивните мерки од оние на владата. Секој што влегува во Бамбанг, мора да се согласи на 14-дневен карантин или да се врати од каде што дошол.

Кортез е загрижен дека пациентите ќе бидат исплашени за да побараат третман за други болести, како што е туберкулоза (Филипините ја имаат третата највисока стапка на туберкулоза во светот) или хронични состојби како хипертензија или дијабетес. Затоа, тој побара од медицинските сестри (секоја распоредена во одредено село) да им носат лекови на пациентите и да ги вакцинираат децата во нивните домови.

Кортез и неговиот персонал имаат премногу пациенти. Клиниката, која се наоѓа во близина на градското собрание, е мала. Канцеларијата на Кортез каде што ги прегледува пациентите е мала просторија.

- Работиме со она што го имаме - вели Кортез, кој прегледува од 80 до 100 луѓе на ден.

Лекарите во заедниците не добиваат почит како „гламурозните“ лекари во болниците. Но, се од суштинско значење: ако лекарите во заедницата не можат да ја контролираат пандемијата, урбаните болници ќе бидат преплавени. Одделите за интензивна нега во Манила веќе се полни.

Извор: National Geographic
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот