X
 26.06.2021 Образование

Бројот на студенти на американските факултети најнизок во последната деценија

На американските факултети оваа пролет се запишале повеќе од половина милион студенти помалку во однос на минатата година, според истражувачкиот центар на националната студентска клириншка куќа, пренесува „Инсајдер“. Ова е најголем пад на запишани студенти во САД во последната деценија.

Според Даг Шапиро, директор на истражувачкиот центар, падот го покажува големото влијание на пандемијата врз студентите и факултетите годинава. Траењето на овој ефект ќе зависи од тоа колку од студентите ќе може да се вратат на факултет оваа есен.

Бројот на запишани студенти се намалил за 3,5%, или 603.000 студенти, во 2021 во однос на минатата пролет. На американските факултети оваа пролет се запишале 16,9 милиони студенти, во споредба со 17,5 милиони минатата пролет. Ова е најголемо намалување од пролетта во 2011. Втор најголем пад имало минатата есен, кога се запишале 2,5% помалку студенти.


Фото: Pixabay

На додипломски студии, падот изнесува 4,9% оваа пролет, додека на последипломски студии се запишале 4,6% повеќе студенти во однос на минатата пролет. Најпогодени биле Калифорнија, Њујорк, Мичиген и Илиноис и само во седум сојузни држави имало зголемување на бројот на запишани студенти оваа пролет. Минатата есен, бројот на бруцоши во САД се намалил за 16%.

Сето ова финансиски ги погодило универзитетите. Минатата година, „Харвард“ имал намалување на приходите за 138 милиони долари. Со намалувањето на случаите на ковид-19, многу американски факултети планираат повторно да дозволат физичко присуство на студентите.

Автор: Келси Вламис
Извор: Insider
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование