X
 23.04.2021 Економија

Пандемијата ја промени листата со десетте најголеми економии во светот

Пандемијата го промени рангирањето на најголемите светски економии откако многу земји влегоа во најтешката економска рецесија во поновата историја.

САД, Кина, Јапонија и Германија сè уште ги заземаат првите четири места како најголеми економии во светот - но некои рангирања се сменија како резултат на пандемијата, додека една земја падна од топ-10 листата, според анализата на Си-ен-би-си на „Меѓународните монетарни економски предвидувања на фондот“.

Си-ен-би-си го спореди номиналниот бруто-домашен производ во американски долари низ земјите наведени во базата на податоци на ММФ.

Еве ги најголемите промени во рангирањето на 10. најголеми економии во светот пред и по пандемијата.

1
Рангирање на најголемите светски економии пред пандемијата/Фото: CNBC

2
Рангирање на најголемите светски економии по пандемијата/Фото: CNBC

Индија заостанува зад Велика Британија

Индија, која беше петта светска економска сила во 2019 година, минатата година падна на шестото место, зад Велика Британија.

Според анализата на Си-ен-би-си, оваа земја нема да се врати на петтото место на глобалното економско рангирање до 2023 година. Минатата година Индија беше погодена од заклучување поради борбата да ги намали инфекциите од ковид-19.

Додека фондот очекува Индија да порасне за 12,5 отсто во тековната фискална година, која завршува во март 2022 година, некои економисти предупредуваат дека последниот пораст на ковид-случаите може да ги намали изгледите на земјата. Индија минатата недела го надмина Бразил и стана втора земја со најмногу заразени лица на глобално ниво, веднаш зад САД.

Бразил повеќе не е меѓу топ-10 најмоќни светски економии


Во 2019 година Бразил се наоѓаше на 9. место, но минатата година падна на 12. место, со што стана единствена земја што испадна од топ-10. светските економии. Според експертите, на ова место ќе се задржи најмалку до 2026 година.

Бразил се наоѓа на трето место според стапката на инфицирани со ковид-19 и е втора земја по број на починати на глобално ниво. Претседателот Џаир Болсонаро постојано ја потценуваше моќта на вирусот и одбиваше да наметне национално заклучување за да го намали ширењето на вирусот.

Јужна Кореја се најде меѓу топ-10 најголеми светски економии

Со испаѓањето на Бразил, Јужна Кореја се искачи на 10. место, а анализата на Си-ен-би-си покажува дека на ова место ќе остане најмалку до 2026 година.

Јужна Кореја успешно се избори против вирусот и тоа ѝ помогна да се справи со падовите на економијата. Сепак, бројот на нови инфекции се зголеми овој месец, принудувајќи ги властите да ги продолжат мерките за физичко дистанцирање, што вклучуваат ограничување на големите собири до почетокот на мај.

И покрај несигурноста што ја носи вирусот, производствениот и извозниот сектор во земјата остануваат силни, велат економистите. И потрошувачката стана поотпорна на епидемии и вируси, делумно благодарение на зголемувањето на купувањето преку интернет, додаваат економистите.

Извор: CNBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија