Делењето на превозот е многу популарно во Јапонија, а корисниците едноставно преку апликација можат да го најдат најблиското возило, да го изнајмат и да го користат само на половина час, час или еден ден, во зависност од потребите. Притоа, цената за користење на возилото е доста пристапна и автомобилот може да се изнајми за 4 долари за половина час, што за многумина е доволно за да одат до работа.
Јапонската компанија за изнајмување автомобили „Орикс“ неодамна откри дека голем дел од клиентите ги изнајмуваат нивните автомобили, но не ги возат. Компанијата ги разгледувала документациите за километражата на автомобилите и открила дека одреден број возила се вратени без промена во километрите. Истото се случувало и во компанијата „Тајмс24 Ко“.
За да откријат што се случува, компаниите спровеле анкети. Она што го откриле кажува многу за нашите современи концепти на работа и за постојаната потреба за полнење на нашите електронски уреди.
- Анкетите покажаа дека луѓето изнајмуваат автомобили за да спијат или да ги користат како работен простор. Друга личност чувала чанти и други лични предмети во автомобил за изнајмување.
По земјотресот и цунамито во Јапонија во 2011 година,
автомобилите за изнајмување се користеле и за полнење на телефоните. Еден корисник одговорил дека еднаш изнајмил автомобил за да може да руча во него. Откако купил храна, тој немал каде да јаде, па го зел телефонот и изнајмил автомобил за на мир да го изеде својот оброк.