X
 05.07.2021 Наша тема

Средниот успех на матурантите е 3,61. Оценувачите забележале преписи на цели текстови од интернет

Цели текстови или делови од текст се преземани и копирани од интернет. Сепак, чекаме официјални извештаи од оценувачите во врска со ова. Оценувачите нотирале преписи кои ги проверуваат на интернет, па утврдиле дека се работи за препис, вели Елизабета Наумовска

Средниот успех е кој го постигнале матурантите оваа година на полагањето државна матура, е 3,61 односно оценка 4, а пред две години, овој успех бил 3,48 или оценка 3. Ова значи дека матурантите и покрај отежнатите услови во кои учеа, успеаа да постигнат добри резултати, рече во денешната изјава за медиумите директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Елизабета Наумовска.

- Измина учебна година во која знаеме сите дека учениците работеа во вонредни услови на корона. И покрај реакциите и несогласувањата кои се јавија, успеавме со поддршка на Сојузот на средношколци да изнајдеме прифатливи решенија за реализација на државната матура. Во сите училишта денес во 12 часот на огласните табли и на сајтот matura.gov.mk се објавени резултатите. Секој ученик со корисничко име и пасворд може да пристапи и да види каков успех постигнал - изјави директорката.

Матура полагаа 15.300 матуранти. За македонски јазик беа пријавени 10.848 кандидати, а испитот го полагале 10.647 ученици. Средната оценка е 3.93. Бидејќи лани немаше полагање државна матура, надлежните направиле споредба со постигнатиот успех од пред две години, кога просечната оценка била 3,69.

- Ова значи дека има подобрување во постигањата по македонски јазик. За англиски јазик беа пријавени 13.452 ученици, а од нив полагале 13.033. Средниот постигнат успех е 2,82, а во 2019 тој бил 3,07. Француски јазик полагале 31 ученик, и постигнале среден успех - 4,58. Германски јазик, средниот успех е 4,56, а бил 4,41 во 2019. Математика оваа година биле пријавени дека ќе полагаат 1.529 ученици, кои постигнале успех од 4,07, што е полошо од 2019 година, кога средниот успех бил 4,66 - соопшти директорката на ДИЦ.



Таа кажа дека се очекуваат официјалните извештаи на оценувачите, но кажа дека имало копирање на цели текстови од интернет, посебно по испитите по странски јазици, и рече дека тоа оценувачите не го толерирале.

- Цели текстови или делови од текст се преземани и копирани од интернет. Сепак, чекаме официјални извештаи од оценувачите во врска со ова. Оценувачите нотирале преписи кои ги проверуваат на интернет, па утврдиле дека се работи за препис - додаде Наумовска.

Незадоволните кандидати можат да поднесат приговор почнувајќи од денеска, до среда, преку своето училиште.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема