X
 05.07.2023 Живот

Дали е задолжително туширањето веднаш по излегување од море?

Годишниот одмор на море има терапевтски ефект врз човечкото тело, особено ако изберете чисто море и полупусти плажи како дестинација.

Уште во 1897 година францускиот научник Рене Квинтон, кој го посветил својот живот на проучување на морската сол и морската вода, дошол до заклучок дека човечкото тело е аналогно на морската вода бидејќи има ист состав на минерали и дека хемискиот состав на крвната плазма е слична на онаа на морската вода. И денес научниците веруваат дека морската вода има иста pH-вредност како здравата човечка крв и дека содржи минерали и елементи во точни пропорции што му се потребни на човечкото тело.

Но, како морската вода влијае врз кожата? Дали треба да се тушираме веднаш штом ќе излеземе од морето или да почекаме?

Поради својот состав, морето е лековито за егземи и дерматитис, псоријаза, акни, првут, а придонесува и за лекување габички на стапалата и е најдобриот природен пилинг за телото. Морската вода е збогатена со минерали како што се калциум, магнезиум, калиум, цинк, селен, хром, кои придонесуваат за намалување на симптомите на овие кожни состојби.


Фото: Pixabay

Меѓутоа, во случај на егзема и атопичен дерматитис, неопходно е веднаш да се измие солта од кожата бидејќи предизвикува сувост, што може да доведе до поголемо затегнување и чешање. Туширањето по пливањето се препорачува и за лицата со псоријаза.

Во случај на акни, првут и габични инфекции на стапалата и ноктите, експертите препорачуваат да се остави морската сол на кожата што подолго, особено доколку пливале во чисто море.

Морската вода, доколку се исуши на вас, е како пилинг за вашата кожа. Доволно е само да ја истриете кожата со сува крпа, а мртвите клетки од горниот слој на кожата ќе исчезнат заедно со солта.

Извор: Green
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот