Околу 28 проценти од Европејците не можат да си дозволат една недела одмор надвор од живеалиштето, а тој број се зголемува на дури 60 отсто меѓу сиромашните работници, покажува истражување на Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ).
Оние работници чии приходи се под прагот на сиромаштијата, односно се помали од 60 отсто од просечната плата, најлошо поминуваат во Грција, каде 88,9% од нив не можат да одат на летување, стои во студијата. Следува Романија со 86,8 отсто и Хрватска со 84,7 отсто. На четвртото место е Кипар со 79,2%, пред Словачка со 76,1%.
Од конфедерацијата истакнуваат дека нееднаквостите меѓу најсиромашните работници и оние другите кога станува збор за одморите се зголемиле во изминатата деценија во 16 земји-членки.
Најголеми разлики во можностите за одење на одмор меѓу работниците со приходи пониски од просечна плата и останатите работници има во Хрватска, Грција, Бугарија, Чешка, Франција и Романија.
Зголемувањето на нееднаквоста покажува дека користа од економскиот раст во Европа во изминатата деценија не е распореден рамномерно, истакнала Естер Линч, помошничка на генералниот секретар на ЕТУЦ.
ЕТУЦ се залага за подобрување на предлогот на европската директива кој треба да ги зголеми најниските плати во ЕУ, а за кој Европскиот парламент ќе расправа по летната пауза.
Синдикалната конфедерација се залага за воведување на „праг на достоинство“, кој ќе гарантира дека минималните плати гарантирани со закон не може да се помали од 60 отсто од просечната плата, односно помали од 50 отсто од просечата плата во која било земја-членка.
Моментално во 17 земји-членки на ЕУ минималната плата загарантирана со закон е пониска од 60 отсто од националната просечна плата, истакнуваат од ЕТУЦ.
ЕТУЦ застапува 45 милиони членови на 89 национални синдикални организации во 39 европски земји и 10 европски синдикални федерации.
Извор:
B92
Фото: Unsplash