X
 05.09.2020 Живот

Отворен првиот музеј за среќа во светот

Среќата, како и уметноста, често е субјективна, но за разлика од уметноста, среќата не е нешто што би очекувале да го најдете во музеј. Барем не додека Копенхаген не одлучи да посвети цел музеј на среќата.

Институтот за истражување на среќа е водечката сила зад овој нов проект. Според него, целта на музејот е да истражува зошто некои општества се посреќни од другите, како и да ги информираат носителите на одлуки за причините и ефектите на човечката среќа, да ја направат субјективната благосостојба дел од дебатата за јавна политика и да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните низ светот.

- Луѓето си замислуваат дека Институтот е магично место. Просторија полна со кученца или сладолед - но во реалност имаме осум луѓе што седат пред компјутери и анализираат податоци - вели извршниот директор Меик Викинг.

Откако добиле многубројни јавни барања да ги посетат нивните помалку магични канцеларии, „екипата на среќата“ доби идеја: ако луѓето навистина сакаат место каде што ќе можат подобро да разберат што ја прави човечката среќа, тогаш зошто да не создадеме такво место?

- Помисливме, зошто да не создадеме место каде што луѓето ќе можат да доживеат среќа од различни перспективи и да им овозможиме изложба од која ќе станат малку помудри околу некои прашања што се обидуваме да ги решиме? - објаснува Викинг.

Така, на 13 јули 2020 година, со строги протоколи, музејот беше отворен. Со моментален максимален капацитет од 50 луѓе, посетителите се поканети да ја истражат среќата од глобална перспектива, што вклучува историски увид за тоа како се развивал концептот на среќа низ вековите и начините на кои различните регионални култури го дефинираат поимот.

Во музејот има огромна колекција на донирани артефакти што ја претставуваат среќата на луѓето од целиот свет.

- Може да сме Данци, Мексиканци, Американци или Кинези, но пред сè сме луѓе. Истите работи ја водат среќата без разлика од каде сме и се надевам дека луѓето ќе го видат тоа на изложбата - вели Викинг.

Еден гостин му рекол дека отсекогаш знаел дека е среќен човек, но никогаш претходно не сфатил зошто.


- Тоа за нас беше најдобрата рецензија што можевме да ја добиеме - вели Викинг.

Што ги прави нациите среќни?

Една од другите главни фокусни точки на музејот е зошто нордиските земји имаат највисоко ниво на среќа.

Данска, на пример, честопати се наоѓа близу врвот во истражувањата за најсреќните нации во светот, вклучувајќи го и годишниот извештај за светска среќа на Обединетите нации. На листата од 2020 година, Данска се најде на второто место, а Финска на првото. Копенхаген е рангиран како петти најсреќен град во светот зад Хелсинки, Архус (исто така во Данска), Велингтон и Цирих.

Мари Хелвег-Ларсен, дански психолог и професорка на колеџот „Дикинсон“ во Пенсилванија, вели дека е неверојатно како преку стратешко размислување владите можат да создадат среќни луѓе.

- Мислам дека странците сметаат дека нордиските земји се некаква загатка. Се чини дека прават работи за кои другите одлучиле дека не би можеле да се поврзани со среќата, како што се плаќање високи даноци, живеење во студено време и долги периоди на темнина - вели таа.

- Довербата е фактор во среќата - вели таа. Исто така, таа смета дека данскиот концепт на „пит“ (став за лесно прифаќање на проблемите и ресетирање) и концептот на „хиги“ (потрага по намерна блискост во интеракциите и средините) се одлични за ослободување од стрес.

Викинг вели дека неговото истражување на Институтот му покажало дека луѓето се неверојатно издржливи.


- Кога ги следиме луѓето со текот на времето, можеме да видиме дека тие се извонредни во надминувањето на предизвиците што им се случуваат. Се разбира, потребно е да бидам оптимист во мојата професија, но мислам дека можеме да ги надминеме и овие времиња - вели тој.

Среќата е чувство што се развива и потребно е да се негува и од општеството и од човекот. Работете доволно, и ќе бидете подобро опремени за да најдете оптимизам во овие бурни денови.

Извор: Good News Network | CNN
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот