X
 05.09.2024 Живот

Вознемирувачка иднина (втор дел)

За потсетување, во претходната колумна беа наведени следниве причини што предизвикуваат вознемирувачка иднина:
- Воени конфликти,
- Борба за стратешки суровини,
- Климатски промени,
- Вечни хемикалии PFAS (Perfluoroalkyl and Polyfluoroalkyl Substances),
- Вештачка интелигенција (ВИ),
- Други можни опасности што влијаат врз вознемирувачка иднина.
Понатаму накратко се опишани две од овој список.

Борба за стратешки суровини


Од историјата знаеме дека во минатото многу земји создадоа свои колонии во разни делови од светот за да го зголемат своето материјално богатство. Ова особено се однесува на неколку европски држави како освојувачи и владетели, а најмногу колонии беа создадени во Африка. Од тие колонии се исцрпуваа(т) огромни количества суровини за потребите на индустриите во развиените земји. Ова трае од почетокот на Индустриската револуција, а денес се прави на пософистициран начин, на пример, преку поддршка на локалните режими.

Пред неколку дена прочитав вест дека една канадска компанија во својот рудник во Боцвана пронашла дијамант од 2.492 карати, еден од најголемите ископани досега, втор по големина во светот. Инаку, познато е дека најголемата експлоатација на рудници за дијаманти се одвива во Африка и во минатото и денес, и тоа под многу тешки услови за рударите. Од друга страна, дијамантите се симбол на богатите луѓе. Имав можност да прошетам низ градот Антверпен (Белгија) и да видам голем број продавници кои тргуваат со дијаманти и накити направени од него. Тој луксуз е наменет за богати купувачи. Каков контраст во споредба со рудниците на дијаманти во Африка.

Во последниве години почна помасовно производство на возила на електричен погон и интензивна изградба на фотонапонски централи за кои е потребно да имаат батерии. Главна суровина за производство на батерии е литиум, така што овој метал стана стратешка суровина. Се бараат рудници во цел свет, ама по можност во неразвиените земји бидејќи технологијата на експлоатација на рудник за литиум создава извесно локално загадување. Во соседна Србија откриени се наоѓалишта на литиум, а државата веќе има склучено преддоговори со неколку странски фирми. Владата во таа земја е пред дилема дали да дозволи отворање на рудници бидејќи има големи притисоци од населението кое не се согласува поради опасност од големо загадување. Од друга страна, видни политичари од големите (демократски) земји доаѓаат во посета кај српскиот претседател да го убедуваат да дозволи експлоатација на литиум. Тоа е капитализмот, профитот е на прво место.

Едно време си размислував колку би било добро да пронајдеме извор на нафта во Македонија, економијата ќе биде подобра, а граѓаните побогати. Но гледајќи што се случува во светот, денес имам поинакво мислење бидејќи ако имаме извори на нафта, може да нѐ снајде нешто слично како во Ирак, Сирија, Либија...


Климатски промени


Главна причина за климатските промени се емисиите на стакленички гасови, најмногу од јаглерод диоксид (СО2), кој се ослободува при согорување на фосилни горива (јаглен, нафта и гас). Овој глобален проблем накратко е претставен понатаму како синџир од причини и последици:
Капитализам => Приоритет: профит (а не животна средина) => Неодржливо општествено и економско уредување => Климатски промени => Екстремни временски услови со катастрофи => Суши и поплави => Помали приноси во земјоделството => Уништено земјоделство во сиромашните земји => Мигранти во масовен број со друга култура и религија => Конфликти => Вознемирувачка иднина.

Факт е дека емисиите на стакленички гасови се директно поврзани со почетокот на Индустриската револуција (1850 год.), а тоа е почетната фаза на капитализмот. Колку што растеше индустрискиот развој понатаму, толку растеа и емисиите на стакленички гасови. До ден-денес има пораст на емисиите иако постојано се зборува за борба против климатските промени...

Според „Коперникус“, програма на Европската Унија, 2024 година ќе биде најтопла досега. Знаеме дека главна причина за глобалното затоплување е согорувањето на фосилни горива. Прашање: кој е најголем производител на нафта и гас? Одговор: не е Русија, не е Саудиска Арабија, туку САД. Воедно, САД се убедливо на прво место во однос на количеството на СО2 емисии по жител.

Познато е дека климатските промени предизвикуваат огромни штети во многу сектори. Исто така, како директна последица од топлински бранови секоја година умираат илјадници луѓе. Жртви има и при големи поплави, а поради уништено земјоделство, се работи за огромен број индиректни жртви од глад. Од тие причини, сиромашното население бара излез во миграција во побогатите земји. Еден мигрантски коридор проаѓа и низ нашата земја, при што проаѓаат голем број мигранти од Азија и Африка. Миграција има и од Јужна Америка кон САД.

Во јавноста е создадена погрешна перцепција дека ако се намалат емисиите на стакленичките гасови, особено на СО2, глобалното затоплување ќе се намали. Тоа не е точно бидејќи СО2 е стабилен гас, така што над 20% од неговите емисии постојано се акумулираат во атмосферата и остануваат таму неколку илјади години. Апсурдот да биде поголем, емисиите на стакленички гасови постојано растат секоја година и покрај декларативните заложби, како на пример Конвенцијата за климатски промени на Обединетите нации (1992), Протоколот од Кјото (1997), Парискиот договор (2015) и др.

Темата за климатските промени е многу сложена и мултидисциплинарна, ќе биде сѐ поактуелна во децениите што ќе доаѓаат. Голема е веројатноста дека планетата Земја ќе се менува неповратно, а условите за живот ќе бидат сѐ потешки. Тоа се реални причини за вознемирувачка иднина.

По неколку дена следува ново (трето) продолжение на овој напис.


Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот