Фантастичните дела на архитектурата се безвременска инспирација и поттик, за новите генерации амбициозни архитекти и дизајнери да се потрудат да остават своја трага во градовите низ целиот свет. Така настануваат структури кои воодушевуваат и го менуваат изгледот не само на улиците, туку и на цели квартови. Во претставуваме осум неверојатни
архитектонски решенија, кои допрва треба да бидат реализирани. Во дизајнот на зградите се вткаени новите технологии од типот на 3D печатење и инспирацијата што творците ја црпат од секојдневниот живот и од природата.
Британската архитектонска компанија HAL во моментов работи со градежната компанија Eco world Ballymore на изградба на станбениот комплекс наречен Embassy gardens во Лондон, каде што две згради ќе бидат поврзани со стаклен базен и тоа на висина од речиси 30 метри во воздух.
Холандската компанија MVRDV ја доврши првата од десетте згради сместени покрај шангајскиот аеродром, Hongqiao International Airport, четвртиот најпрометен аеродром во внатрешноста на Кина. Структурата во форма на цвеќе е наречена Flower building, односно „Зградата Цвет“, и има речиси 15 илјади метри квадратни канцелариски простор и осмислена е така што во целост да ги задоволува условите на зелена градба.
Vessel, зградата во форма на кошница, е дело на британскиот архитект, Томас Хедервик, која треба да има 16 спрата и 250 меѓусебно поврзани скали, а ќе чини 150 милиони американски долари. Со Vessel Њујорк ќе добие уште еден пример на импресивна модерна архитектура.
Во Мелбурн, Австралија, архитектонската компанија Elenberg Fraser, го откри дизајнот на новиот облакодер Premier Tower, што е инспириран, ни помалку ни повеќе, туку од славната Бијонси! Флудините линии на висококатницата потсетуваат на претставите од музичкиот спот Ghost на американската пејачка, и ги следат линиите на нејзиното тело.
Обединетите Арапски Емирати договорија соработка со WinSun Global, кинеска компанија за 3D печатење, со инженерските компании Gensler, Thornton Tomasetti и Syska Hennessy, за изградба на новата деловна зграда во Дубаи, која нема да биде пример на традиционалните градежни проекти. Идејата е целата зграда да биде испечатена преку 3D печатач.
Истражувачкиот центар во форма на голема морска раја ја осмисли францускиот архитект Жак Ружери. Во оваа зграда, која би лебдела на вода, би се наоѓал меѓународниот факултет за океанографија. Конструкцијата би лебдела на седум мориња и би можела да собере илјадници истражувачи, професори и студенти во подолг период.
Лебдечките вили, Floating seahorse villas во Дубаи се дизајн на компанијата Kleindienst Group и веќе почнаа да се појавуваат во Персискиот залив. Ниските нивоа на трикатниците ќе бидат целосно под вода и ќе нудат зачудувачки поглед под површината на морето. Се очекува планираните 131 вила да бидат завршени до 2018 година.
Француската компанија Martin + Trottin Architecture, го предала предлогот за станбен комплекс наречен Paris pour nous, кој би бил сместен во 13. арондисман и би нудел различни видови станбени решенија, од студија до вили.