X
 23.08.2022 Наша тема

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Д-р Климент Матоски (82) – Медицинскиот факултет претставуваше престиж и лет во височина

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

„Престиж и лет во височини“ - на овој начин 82-годишниот доктор специјалист во пензија Климент Матоски го опишува значењето на Медицинскиот факултет во Скопје во времето кога тој како млад човек, во далечната 1958 година, го направил храбриот потег и се запишал на него, иако бил скромно дете од занаетчиско семејство. Тоа било време кога во неговата родна Струга имало само еден или двајца доктори. Желбите и стремежите за високо образование му биле длабоко врежани во душата на д-р Матоски благодарение на неговиот тетин, инаку професор во гимназија, а особено на неговиот класен раководител.

- Потекнувам од фамилија на занаетчии, главно татко ми, дедо ми и вујко ми. Сите беа кувенџии. Имав среќа што домашните ме поддржаа. Татко ми дури мораше да направи и сериозна жртва бидејќи аплицирав за воена стипендија на Медицински факултет, а тој работеше во приватен сектор, па така мораше да го напушти занаетот и да се вработи во државен сектор за да ја добијам стипендијата. Без неа моите немаа доволно средства да ме издржуваат. За медицината бев приврзан од рани години, поради љубовта кон биологијата. Затоа никогаш не помислував за друг факултет - се присетува д-р Матоски.

 


За упис на медицина биле пријавени на 1.000 кандидати

Тоа пеколно жешко лето во 1958 година, по десетина дена, колку што траеле испитите за прием на Медицинскиот факултет во Скопје, д-р Матоски на списокот со кандидати за упис успеал да си го пронајде името меѓу 110. бруцоши што биле примени. Кога се вратил во Струга да ја соопшти радосната вест, неговите родители, секако израдувани, првин морале да го прашаат каде спиел тие десет дена додека траеле испитите и зошто не им пишувал писма.

- Тогаш Скопје беше премногу далеку, се патуваше по десетина часа со автобус. Од друга страна, во тоа време владееја страшни епидемии, кои немаа ниту почеток ниту крај. Тие епидемии земаа многу животи, особено детски. Од тие причини за упис на Медицински факултет, со новооформените насоки, стоматолошки и фармацевтски, беа пријавени повеќе од 1.000 кандидати, од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Грција и од други земји - вели тој.

„Ставил човекот слама со две ќебиња, подзаградил и ете ти стан...“

„Исхраната беше лесна работа“, вели д-р Матоски. Им било доволно многу малку леб и маргарин, а за празник и симит-погача или нешто друго купено. За среќа, си носел тегли со џем и ајвар, а на почетокот спиел кај другар од средното учителско училиште кој имал еден вид импровизиран стан во потпокрив и кој му помогнал за сместување, барем додека траеле уписите на факултетот.

- Ставил човекот брдо слама меѓу две греди, зел од дома две ќебиња, некако подзаградил со картони од пакети и ете ти стан. Тоа беше зграда покрај која секој миг поминуваа голем број возови кон Ѓорче Петров. За чудо, на една од гредите над леглото висеше кабел и светилка, која се вклучуваше со завртување/одвртување. Ете, тука спиев сето време со мојот другар, подоцна учител во Струга - се присетува докторот. 

 

Чистење чекалници, тоалети и продавање тутун од догорчиња за да се преживее

На Медицинскиот факултет тогаш се полагало во само две сесии, јунска и септемвриска. Голем дел од испитите биле поврзани, така што морало да се положи условниот, па потоа и другиот испит по него. До септември требало да се исчисти годината. Студиите траеле 12 семестри. Тогаш немало дипломски испит, туку последниот испит по судска медицина означувал крај на студирањето.

- Септември дошол, а ако изгубиш испит, си изгубил и година. Што значи тоа? Си изгубил привилегии за сместување во дом, менза, карта за градски и меѓуградски автобус, за библиотека и уште многу други работи. Катастрофа. Ете, мене и на цимерот, со кој бевме сместени во приватна куќа, во соба само со светилка, ни се случи ваков неуспех. Дома не смеевме да кажеме, па трпевме страшни маки. Со позајмени пари плативме кирија, но цели 40 дена се храневме со леб, маргарин, купен ајвар и неколку пати конзерва паштета, месен нарезок, а двапати си дозволивме сардини. За плус пари одевме во старата железничка станица, ги чистевме чекалницата и тоалетите, а собраните догорчиња ги растуравме и тутунот им го продававме на колеги - раскажува д-р Матоски.

Поради напад на бубрег, пропуштил испит и изгубил година

Неколку дена пред испит во прва година, д-р Матоски се здобил со силен напад на едниот бубрег. Бил примен во болница и таму останал околу 20 дена. Отпусното писмо како потврда не му помогнало во Деканатот и на тој начин го испуштил закажаниот термин за полагање, ја изгубил годината и неговото дипломирање доцнело.

- Имав сериозен притисок од страна на родителите да оставам сè, да си се вратам дома, да си го гледам здравјето, а семејниот занает го имав одамна совладано, така што егзистенцијата ми беше обезбедена за цел живот. Сепак, решив да опстојам. Сите следни години студирање ми значеа трка со времето и условите. Кога се случи земјотресот во Скопје, се затекнав дома, во Струга, но со првиот камион што беше упатен кон Скопје стигнав во разрушениот град. Добив задача да помагам околу повредените, како и да работам на подготвување терен за изградба на студентската населба „Медицинар“. Цело ова искуство мислам дека најмногу ми ја зацврсти желбата да станам доктор - вели Матоски.


За нас велеа дека сме „бубалици“

Забавниот живот за медицинарите е нешто далечно, вели д-р Матоски. Покрај обемниот материјал што требало да се совлада, во комбинација со вежбите и праксата надвор од предавањата, на студентите по медицина не им останувало доволно слободно време за да ги уживаат сите вообичаени активности на тогашните млади луѓе.

- Забавен живот е широк поим. Поради многу нешта, колеги од други факултети за нас велеа дека сме бубалици. Сепак, неколку пати во годината се одеше на кино, некоја мала прошетка, многу ретко некоја игранка со ученичките во комшиското Средно медицинско училиште, понекогаш на скопското корзо и толку. Во прекрасно сеќавање ми остана една заедничка екскурзија со воз до Тетово, една до Титов Велес и една до Сарај. Живеев на различни места. Првите години во приватни, изнајмени соби, но откако беа изградени бараките во „Медицинар“, престојував таму. Во последната година бев сместен во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ - се потсетува докторот.

Специјализирал педијатрија бидејќи му била најомилена

„Златна плакета“ од Лекарско друштво на Македонија, Највисоката награда од Лекарска комора на Македонија, наградата „Свети Наум Охридски“ за доктор на годината во 2001 година - ова се само дел од одличијата со кои д-р Матоски се има закитено низ годините, по дипломирањето во 1966/67. Целиот работен век, сè до пензионирањето во 2005 година, тој го поминал во Медицинскиот центар во Струга. Има објавено повеќе книги и научни трудови.

- Во 1975 година завршив специјализација по педијатрија, која отсекогаш ми беше најомилена специјалност. Поради тоа, уште од првите денови работа на терен почнав со собирање податоци и објавување сопствени трудови, како на разни докторски семинари, педијатриски денови и конгреси, исто така и во списанијата „Македонски медицински преглед“ и „Acta medica medianae“ од Ниш. Во 1978 година се здобив со звањето примариус - истакнува докторот.

Фотографии: приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема