X
 05.11.2021 Наука

Британија прва во светот ја одобри пилулата „молнупиравир“ за лекување ковид-19

Во текот на клиничките испитувања пилулата, првично развиена за борба против грип, го преполови ризикот од хоспитализација на пациенти заразени со ковид-19.

Саид Џавид, британскиот министер за здравство, рече дека овој лек може да претставува пресвртница за луѓето со ослабен имунитет.

- Денес е историски ден за нашата земја бидејќи Велика Британија е прва во светот што одобри антивирусен лек против ковид-19 кој може да се зема дома - рече Џавид.

Првиот орален лек

„Молнупиравир“, произведен од американските компании „Мерк, Шарп и Дом“ (MSD) и „Риџбек биотерапеутикс“, е првиот антивирусен лек за ковид-19 што се зема како пилула, а не со инјектирање или интравенски.

Обединетото Кралство веќе ја нарача количината потребна за лекување на 480.000 луѓе, а првите испораки се очекуваат во ноември.

Планот е и вакцинираните и невакцинираните пациенти да го примаат како дел од националната студија што се спроведува за да се добијат повеќе податоци за ефикасноста.

Лекот е најефикасен кога се дава во рок од пет дена од почетокот на симптомите.

Не е сосема јасно како Националната здравствена служба (NHS) ќе го дистрибуира лекот толку брзо.

Се верува дека одредено количество на лекови ќе им биде понудено на домовите за стари лица, додека преостанатите избрани лекари би можеле да им ги препишуваат на постари и ранливи пациенти кои се ковид-позитивни.

Новиот лек ги таргетира ензимите кои вирусот ги користи за да се копира и да вметнува грешки во неговиот генски код.

Ова треба да го спречи вирусот да се размножува, одржувајќи го ниско во телото, и да го намали ризикот од развој на потешка форма на болеста.

Компанијата „Мерк“ соопшти дека овој пристап треба да доведе до тоа проверката да биде еднакво ефикасна против новите соеви на вирусот што ќе се развијат во иднина.

лек
Фото: MSD

Британската агенција за лекови и медицински помагала (MHRA) соопшти дека ја одобрила пилулата за употреба кај луѓе што имаат лесна или умерена форма на ковид-19 и најмалку еден дополнителен ризик-фактор за добивање потежок облик на ковид-19, како што се дебелина, старост, дијабетес или срцеви заболувања.

Џун Рејн, извршна директорка на MHRA, го опиша како уште еден терапевтски слој во нашиот оклоп против ковид-19.

- Тоа е првата одобрена антивирусна пилула против коронавирус која се зема орално, а не интравенски. Ова е важно затоа што значи дека може да се зема и надвор од болница пред коронавирусот да напредува во посериозна фаза - вели таа.

Клинички испитувања

Претходните клинички испитувања на „молнупиравир“ кај 775 пациенти што неодамна заболеле од ковид-19 покажаа:

- 7,3 отсто од оние што го примиле лекот биле хоспитализирани, во споредба со 14,1 отсто од пациентите што примиле плацебо или лажни таблети;
- Немало смртни случаи во групата на „молнупиравир“, но осум пациенти третирани со плацебо подоцна починале од ковид-19;

Податоците покажуваат дека „молнупиравир“ треба да се земе веднаш по појавата на симптомите за да има ефект.

Претходното истражување на пациенти што веќе биле хоспитализирани со тежок ковид-19 беше прекинато по разочарувачките резултати.

Во документот за одобрение, Агенцијата за лекови и медицински помагала препорачува лекот да се користи „што е можно поскоро“ по позитивен ковид-тест, во рок од пет дена од првите симптоми.

- Доколку ваквите резултати се повторат кај населението на Велика Британија, тогаш бројот на случаи за кои е потребен прием во болница би можел да се преполови, додека бројот на смртни случаи би бил значително намален.

- Веројатно ќе биде ограничено на оние со најголем ризик од компликации од болеста - како што се постарите лица со болести на срцето, белите дробови или бубрезите, дијабетес или рак - рече професорката Пени Вард од Кралскиот колеџ во Лондон, која не учествувала во студијата.

Владата на Велика Британија не ја откри вредноста на нејзиниот првичен договор за 480.000 пилули „молнупиравир“.

Американските власти неодамна нарачаа 1,7 милион пилули за околу 1,2 милијарда долари, или 600 евра по пациент.

Други земји, вклучувајќи ги Австралија, Сингапур и Јужна Кореја, исто така склучија купопродажни договори.

„Мерк“ е првата компанија што пријави резултати од тестовите за пилулите против ковид-19, но и други компании работат на слични третмани.

Американската компанија „Фајзер“ почна да тестира две различни антивирусни пилули, додека швајцарската компанија „Роше“ работи на сличен лек.

Извор: BBC
Фото: MERCK
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука