X
 23.06.2016 Наука

Научниците дојдоа до нова потврда на теоријата на Ајнштајн

Научниците од проектот „Ligo“ објавија ново забележување на гравитациски бранови.

 

бранови


Четири месеци после историската потврда на гравитациските бранови, потврдено е уште едно забележување на овој феномен. Претставниците на „Ligo“ проектот (Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory), на 15 јуни соопштија дека гравитациски бранови овој пат се снимени на 26 декември, во 3 часот и 38 минути по Гринич, во време кога детекторите се'уште биле во првата фаза на набљудување.

Сигналите беа забележани и од детекторот во Ханфорд и детекторот во Ливингстон и тоа речиси истовремено. И овој пат, сигналот бил создаден со спојување на две црни дупки во една кои случајно се наоѓаат на слично растојание од Земјата како оние чие спојување беше забележано за прв пат, на оддалеченост од 1.4 милијарда години.

Новото откритие на брановите се разликува од првото во многу детали, па меѓу останатото, црните дупки овој пат беа со значително помала маса. Нивната маса од масата на Сонцето е поголема 14 и 8 пати, додека масите на црните дупки, кои во февруари оваа година беа главна тема, од масата на Сонцето се поголеми дури 29 и 36 пати. Оваа разлика влијаела на силата на сигналите, но иако сигналот овој пат бил послаб, неговата фреквенција била повисока што овозможило подобро следење на орбитата. Сигналот е забележан во последните моменти на спојување на црните дупки после што била создадена нова црна дупка со маса 21 пат поголема од онаа на Сонцето.

Кога за прв пат биле забележани гравитациски бранови, сигналот бил доста јасен и очигледно се разликувал од буката во позадина во „Ligo“ инструментите. Овој пат на прв поглед не било јасно дека во податоците се крие овој сигнал, но софтверот сепак го препознал. Овој сигнал трае една секунда што е 5 пати подолго од траењето на историскиот сигнал од февруари оваа година.

Двете потврдени забележувања на гравитациски бранови создаваат услови за понатамошно истражување на црните дупки и зачестеноста на нивното создавање не само на теоретска основа туку и врз основа на набљудување. Исто така можат да се направат, иако се'уште е несигурно и нејасно, предвидувања колку често ќе можеме да ги слушаме овие сигнали од минатото на вселената. Набљудувањето продолжува на есен кога ќе биде подобрена чувствителноста на „LIGO“ детекторите што би требало да овозможи набљудување на голем број на црните дупки кои се спојуваат, но и забележување на гравитациски бранови кои потекнуваат од различни извори. Во блиска иднина на детекторите би требало да им се придружи и европскиот интерферометар „Virgo“ кој пред се' ќе помогне во лоцирање на изворот на гравитациски бранови и сфаќање на нивната природа. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука