X
 05.11.2021 Наука

Нов тест на крв може да открие над 50 вида рак

Колку побрзо се откријат повеќето видови рак, толку се поголеми шансите да бидат успешно третирани.

Клиниката „Мајо“ учествуваше во истражување на тест кој може да открие над 50 вида рак. Лекарите го нарекуваат менувач на играта.

- Татко ми беше здрав човек. Немаше познати ризик-фактори за рак - вели д-р Јулија Фејгин. Таа го изгубила нејзиниот 40-годишен татко од рак на панкреасот кога имала 13 години. Со оглед на тоа што му бил дијагностициран во трет стадиум, тој живеел уште 9 месеци.

- Силно верувам дека може да се најде цел во сè што се случува - вели таа.

Фејгин сега е дел од компанијата ГРАИЛ, со седиште во Менло Парк, Калифорнија, која создаде тест на крв наречен „Галери“. Фејгин вели дека тестот може да открие агресивни и често смртоносни карциноми, како што се рак на панкреасот, јајчниците и на хранопроводот.

- Ако ракот може рано да се открие, можеме драматично да ги подобриме резултатите на пациентите - вели Фејгин.

Таа објаснува дека нашата крв содржи ДНК-потпис. Крвниот тест ја следи ДНК што ја фрла клетката на ракот.

- Можеме да ги најдеме и да ги секвенционираме овие мали делови од ДНК добиена од тумор во крвта и, врз основа на шемите што ги гледаме, можеме да откриеме дали постои сигнал за рак. Можеме со многу висока точност да предвидиме од каде доаѓа сигналот за рак - вели Фејгин.

Резултатите се испраќаат назад до давателот на здравствени услуги за 10 работни дена.

Интервентното истражување во кое била вклучена клиниката „Мајо“ со 6.600 учесници вратило 29 сигнали што биле проследени со дијагноза на рак. Друго истражување открило помалку од 1 отсто лажно позитивна стапка.

Постојат услови за тоа кој може да го направи тестот.

- Наменет е да се користи за луѓе со зголемен ризик за рак - вели Фејгин.

Во моментов тестот може да го препише само лекар и чини 949 долари.

- Во 2021 година ова е многу повеќе од сè друго што можевме да направиме. Целосно ја менува играта - вели д-р Грег Плотникоф.

Тој го препишал тестот за пациенти и членови на семејство со ризик-фактори велејќи дека ракот што е детектиран порано може да се третира.

- Ако можеме да ги фатиме работите порано, тогаш имаме шанса да направиме значајна разлика - вели д-р Плотникоф.

Американското здружение за рак вели дека 71 отсто од смртните случаи од рак доаѓаат од типови за кои нема препорачан скрининг.


- Ова претставува невидена можност да се намали кривата на смртност од рак и да се спасат многу животи - вели Фејгин.

Тестот „Галери“ не треба да го замени скринингот за рак.




Извор: CBS News
Фото: Screenshot/CBS News
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука